Голем дел од децата денес го чувствуваат притисокот од училишните обврски што често резултира со стрес и запоставување на нивното здравје. Децата се обидуваат да ги балансираат своите обврски, а нивното физичко и ментално здравје често страда.
За полесно справување со овие предизвици, психологот Гулфија Касимова споделува неколку клучни совети.
Според неа, првиот чекор во намалувањето на стресот кај децата е да се создаден јасен распоред кој вклучува време за сите активности: спиење, оброци, спорт, учење и слободно време. Важно е детето активно да учествува во креирањето на распоредот. Така ќе развие чувство на одговорност и ќе сфати дека тоа е негова сопствена рутина, а не наметната обврска.
– Важно е да разговарате со детето за распоредот, а не да го дадете како заповед – советува Касимова.

Исто така, важно е да го научите детето да го слуша своето тело. Ова значи навреме да прави паузи, да јаде здрави грицки наместо слатки и да вежба техники на дишење или едноставни вежби кога е напнато. Ова може да му помогне на детето да изгради здрав однос кон обврските и да го намали стресот во секојдневните ситуации.
Здравите навики во исхраната започнуваат со родителите
Касимова истакнува дека навиките во исхраната првенствено доаѓаат од семејството. Ако родителите изберат нездрава храна, детето природно ќе го следи примерот на своите родители.
– Постојано можете да зборувате за здравата исхрана, но детето најмногу ќе го следи вашиот пример – додава Касимова.
Таа ги советува родителите заедно со децата да приготвуваат здрава ужина за на училиште и да не заборават да пијат вода. Преку игра и разговор, родителите можат да им објаснат на децата како функционира нивното тело и зошто им е потребна квалитетна храна.
Заедно со правилната исхрана, физичката активност игра клучна улога во одржувањето на здравјето и намалувањето на стресот. Касимова ја нагласува важноста да му се овозможи на детето самостојно да ја избере спортската активност што му се допаѓа без оглед дали тоа е трчање, пливање, танцување или нешто друго. Сепак, спортувањето неколку пати неделно не треба да ги замени секојдневните активности на отворено, како што се прошетки со другарчињата или играње на свеж воздух.
912