Мајчинството е едно од најсложените, но и најубавите животни искуства. Но, што е тоа што некои жени ги прави исклучителни мајки? Според психолозите, не се клучни организациските вештини или совршено одржуваниот дом, туку особини како емпатија и издржливост. Овие квалитети можат да бидат силни показатели за силата и способноста на мајката да обезбеди топла, безбедна и поддржувачка средина за децата, вели психологот Тара Витмор. Таа истакнала четири показатели дека жената ќе биде добра мајка.

Покажува сочувство

Емпатијата, способноста за разбирање и споделување на чувствата со другите, е клучна особина за мајчинството, вели Витмор.

-На децата, кои штотуку учат како да се справуваат со светот и сопствените емоции, им треба личност која ќе ги води низ овој сложен процес. Жените со силна емпатија често стануваат одлични мајки бидејќи знаат да ги препознаат потребите на своите деца и им даваат поддршка на грижлив начин. Ако жената често ги теши пријателите на кои им е потребна помош или несебично слуша и дава совети, нејзината емпатија веројатно ќе блесне во нејзината улога како мајка- објаснува психологот.

Отпорна е

Животот е полн со предизвици, а мајчинството не е исклучок.

-Отпорноста, способноста да закрепне по проблемите, е клучот за успешно мајчинство – тврди психологот.

Ова вклучува управување со стресот, надминување на пречките и движење напред и покрај тешките околности.

-Жените што покажуваат издржливост се поспособни да се справат со предизвиците на родителството. Тие не се кршат под притисок, туку наместо тоа, создаваат безбедна и поддржувачка средина за своите деца. На пример, жена која се соочила со тешки животни ситуации често ја пренесува таа сила на воспитувањето на нејзините деца, останувајќи истрајна и покрај предизвиците – истакнува Витмор.

Ја цени важноста на рамнотежата

Мајчинството е постојан чин на балансирање помеѓу семејниот живот, кариерата, личното време и социјалните обврски. Психологот наведува дека жените што ја разбираат важноста на рамнотежата често стануваат одлични мајки. Знаат кога да им дадат приоритет на семејните обврски и кога да одвојат момент за себе.

-На пример, една жена која и покрај нејзиниот напорен распоред наоѓа време за хоби, како јога или читање, не само што ја негува сопствената благосостојба, туку и им ја покажува на своите деца важноста на личниот развој и одмор – забележува Витмор.

Вешта е во комуникацијата

Комуникацијата е основата на секоја врска, а особено е важна во градењето врска со детето. Жените што се одлични во комуникацијата често стануваат исклучителни мајки бидејќи знаат јасно да ги изразат своите мисли, активно да слушаат и да поттикнуваат отворен дијалог.

-Ова вклучува одговарање на прашања, разјаснување на сомнежи и што е најважно, разбирање на мислите и чувствата на децата. Студиите покажуваат дека децата што имаат добра комуникација со своите родители имаат поголема веројатност да постигнат успех во социјалната и академската сфера. Жената која ги покажува овие вештини на личен план или во деловните односи може успешно да ги пренесе и на улогата на мајка – заклучила Витмор.

Извор



912

X