Тимот ортопеди од клиниката „Жан Митрев“, на чело со д-р Сашо Младеновски, ортопедски хирург, имаа вистински предизвик да спасат еден млад живот и да му овозможат зачувување на екстремитетот, т.е. левата нога, и нормален живот во иднина. Во повеќечасовната комплицирана операција беше отстранет голем дел од потколеничната коска и првпат во државава беше успешно поставена ревизиско-туморска протеза LPS rotation hinge (Limb Preservation system), што подразбира модуларен систем на импланти со кои е можно да се сочува екстремитетот во целост и да се воспостави неговата нормална функција.

Д-р Сашо Младеновски

– Имав огромни болки во ногата. Не можев да одам со месеци. Целото тело ме болеше. Немав нормален живот неколку години. Ми се влоши целиот живот… бев во агонија. И покрај направените две операции во државните болници туморот кој го имав во коленото повторно ми се врати. Бев очајна и не знаев дали има спас за мојата нога која освен што не можев да ја употребувам, ми причинуваше страшни неподносливи болки. Не спиев, не јадев, не живеев…– вака ја почна својата животна приказна младата велешанка која деновиве замина од нашата клиника исправено на двете нозе и покрај тешката состојба во која беше првично примена кај нас.

Доктор Младеновски објаснува за тоа како пациентката беше примена во клиниката „Жан Митрев“, со која дијагноза и како течеше нејзиното лекување:

– Пациентката беше со дијагноза на агресивен гиганто-целуларен тумор на потколеничната коска. Два пати веќе била оперирана во друга медицинска установа во јавното здравство, меѓутоа, и по тие две операции истиот тумор повторно прогресивно расте и ги уништува потколеничната коска и зглобот во горниот дел во должина од 12 сантиметри.

Пациентката со силни болки и неможност да гази се јави кај нас, препратена од Фондот за здравство, со повик до приватните болници, меѓу кои беше и нашата, со прашање дали може овој пациент да биде згрижен и лекуван кај нас. Ние како ортопедски одел со нашето искуство по 2000 операции на примарни, ревизиски и туморски примарни ендопротези на колена, колкови и рамења ја прифативме и изјавивме дека може да биде лекувана, така што пациентката остана тука и го доби лекувањето во нашата установа – појаснува доктор Младеновски.

Тој потенцира дека со оваа операција првпат во нашата држава се вгради LPS revision rotation hinge бесцементна протеза на колено.

– Се работи за модуларен систем што се употребува кај големи коскени дефекти, предизвикани од деструктивни неопластични процеси на коските и зглобовите, кај луѓе со состојби по незараснување или лошо зараснување на интраартикуларни скршеници и изразена остеопороза, кај пациенти што имаат потреба од повторни ревизиски операции, а биле претходно поставени примарни или ревизиски импланти на големите зглобови. Кај оваа пациентка се направи радикална ресекција на самиот тумор, значи недостига повеќе од една третина од потколеничната коска и на нејзино место се постави систем кој целосно ја надополнува изгубената коскена структура. Овој систем го надополнува и недостигот на сите потребни лигаменти на самиот коленски зглоб кои се жртвувани во процедурата за отстранување на туморот – објаснува доктор Младеновски.

Овој комплексен систем беше успешно имплантиран и по завршувањето на операцијата пациентката престојуваше во болницата уште 7 дена со постепено започнување на рана физикална терапија во смисла на крио-терапија, постепено станување и благо оптоварување на ногата бидејќи мора да се почека временски период од 6 до 8 недели за комплетно враснување на бесцементните тела кои се пласирани внатре во коските.

– Пациентката имаше одлично заздравување и моментално е пратена на физикална терапија, почна да гази 100% на ногата, значи почна да ги извршува секојдневните активности и можам со задоволство да кажам дека операцијата е успешно завршена со најдобар можен резултат што постои во овој тип хирургија – заклучува доктор Младеновски.

На првата контрола по престојот дома пациентката се чувствуваше одлично одејќи со двете нозе. Наскоро се очекува да се ослободи и од патерицата комплетно да се врати на секојдневниот живот.

(Комерцијална објава)



912

X