На деновите пред Нова година децата најмногу им се радуваат. Го чекаат Дедо Мраз да им подари пакетче. Но, оваа година и на децата им наложи нови правила на функционирање

Групните прослави на децата – со публика од родители, баби и дедовци пред Нова година беа традиција во овие институции за згрижување на децата.
Иако од септември годинава најмалите почнаа редовно да ги посетуваат градинките, според посебни протоколи, сепак, пандемијата на Ковид-19, која секаде го диктира начинот на прослави за Новата година, не ги одмина ниту овие установи.

Елките и занималните се накитени, но како децата од предучилишна возраст ги поминуваат предновогодишните денови и како се подготвуваат за прослава, прашавме неколку директори на детски градинки низ земјава.
Нивниот одговор беше ист. Велат дека годинава првпат нема да има групни приредби и прослави. Сепак, за да не останат децата без радост, во групите што ги посетуваат скромно ќе ја испратат старата година.
Целта е децата да останат заштитени, но и да не останат без радоста и без подароците.
Вработените во градинките понудиле најразлични идеи за децата да го одбележат овој новогодишен период.

Приредби само во мали групи

Елена Устаметова, директорка на градинката „Буба Мара“ во скопски Аеродром, вели дека оваа Нова година е различна од досегашните, но вработените се потрудиле преку разни игри и активности да ги одржат празничниот весел дух и позитивните емоции на дечињата во текот на целиот месец.

– Секоја возрасна група поединечно во својата занимална организира китење на елката и на просторот каде што престојуваат децата. Се правеа куклени претстави, ликовни и подвижни активности со тема Нова година, се читаа раскази и се учеа стихотворби за Дедо Мраз и Нова година. Се испраќаа видеопораки со желби и честитки за родителите и нивните другарчиња-посочува директорката.

Директорката на градинката „Фидани“ во скопски Чаир, Гзиме Бакиу, посочува дека иако живееме во време на пандемија и се придржуваме до мерките за заштита, сепак, децата имаат очекувања и се радуваат на новогодишните празници.

– Секој воспитувач во својата група ги организира децата да подготват некоја мала приредба. Не ги мешаме децата од различни групи. Ќе им поделиме пакетчиња на децата, а и некој од вработените од градинката ќе биде Дедо Мраз – вели директорката Бакиу.

Видеопораки на „Фејсбук“

Снежана Тодоровска, директорка на градинката „Мајски цвет“ во Битола, вели дека воспитувачките нашле начин како децата да не ја почувствуваат оваа состојба со пандемијата. За таа цел ги искористиле и социјалните мрежи.

– Секоја група направи приредба, а воспитувачките ги снимаа децата, со цел родителите да можат да ги видат, како што изминатите години ги гледале во живо. Видеата ги поставивме и на фејсбук-страницата на градинката. Децата од нашата градинка испратија и пораки за Нова година до целиот свет на дури девет јазици – додава Тодоровска.



912

X