Прва и најдобра храна за доенчето е мајчиното млеко, или во случајот кога мајката не може да дои, адаптираното млеко, кое ги задоволува сите потреби од хранливи вредности за детето. Од околу 6 месеци, па натаму вашето дете е подготвено да се запознае и со друга храна освен млекото, што значи дека следува и воведување на цврста храна. Што да му се даде на детето и кога – ова знае да биде многу збунувачко, но постојат некои намирници што на детето ќе му обезбедат задоволство, полесно варење и квалитетна исхрана.
По 6. месец дигестивниот систем на детето е подготвен и за овошје, зеленчук и житарици без глутен.
– За почеток како дохрана предлагам сезонски намирници, домашни производи од нашето поднебје. Не е нужно да се следи календар за дохрана, туку ако имате своја градина, идеално е да му понудите на детето како прва намирница некое овошје што дозрева во времето кога почнувате – вели Мирна Трумбеташ, нутриционист.
Налето идеални се јаболката, кајсиите, од зеленчук морков, грашок, тиква наесен, а кај житарките важно е да се без глутен.
– Некои велат дека е подобро да се почне со зеленчук за децата полесно да ги прифатат таквите вкусови, бидејќи овошјето секако ќе го прифатат, но одлуката е на родителите. Во почетокот се подготвуваат мали порции бидејќи во наш интерес е детето да јаде свежа храна – советува таа и додава дека подготвените кашички може да се чуваат до неколку часа, но подобро е да се подготви мал оброк за да не се фрла храна.

Совет за почеток на дохраната
Важно е на детето да му се дава по една намирница, а не две одеднаш, растојанието помеѓу двете намирници да биде до 5 дена, да може да се види и утврди поради која храна дошло до евентуална алергиска реакција. Нормално е детето и да одбие некои намирници, но родителите треба да си дадат време, да бидат трпеливи и позитивни, па намирниците може повторно да ги понудат за неколку дена.
Неколку лажици се доволни за почеток
Количината на храна што доенчето ќе ја изеде во оброкот на почетокот од воведувањето дохрана е мала, само неколку лажици и не ги задоволува неговите енергетски и прехранбени потреби. Од таа причина, потребно е детето, по запознавањето со нови вкусови, да се стави на гради или да му се даде млечен доенечки оброк за да се смета дека е целосно нахрането. Кога количината на храна што доенчето ќе ја изеде е 100-190 грама по оброк (во зависност од возраста), се смета дека тоа е доволно за задоволување на неговите прехранбени и енергетски потреби. Вкупната количина храна што доенчето ќе ја изеде во оброкот или во текот на денот зависи од големината и возраста на детето, потребата за храна, чувството на глад и неговото расположение. Во почетокот храната мора да биде сечкана, може да биде и миксирана или пасирана, а подоцна детето треба да научи и да џвака. Исто така, важно е да се напомене дека детската храна сè уште се базира на мајчиното млеко и доењето, па не треба да се додава шеќер и сол во храната.
Автор: Карина Шиждрак