Пред еден месец Британката Луиза Браун, позната како првото „бебе од епрувета“, го прослави својот 40. роденден.
По тој повод, лондонскиот Музеј на науката организирал изложба за десетгодишното истражување што резултирало со нејзиното раѓање во 1978.
– Помило ќе ми беше мојот роденден да е моја приватна работа, но јасно ми е дека со него почна историја и дека до денес речиси 8 милиони бебиња се родени со вонтелесно оплодување – вели Луиза.
Целиот свет го чекаше нејзиниот прв здив, а веднаш се појавија и реакции од политичари, научници, па и верски поглавари во врска со тоа дали тој чин е исправен. Секако, за нејзините родители тоа значело дека најпосле добиле бебе кое толку долго го посакувале. Не сакаа публицитет и тоа така остана, па и Луиза денес стои подалеку од медиумите, иако секогаш привлекува внимание.
Бидејќи во тоа време откритието беше револуционерно, некои велеа дека таа има супермоќ, дека може да ги поместува предметите со умот, но и дека нема душа.
Подоцна излезе дека ништо од тоа не е точно зашто Луиза е како сите други луѓе.
Разликата при нејзиното раѓање и раѓањето на другите бебиња беше во тоа што нејзината мајка ја зеде в раце дури по 60 теста, кои ѝ ги направиле лекарите за да утврдат дали е сè во ред со Луиза.
– Сфатив дека се родив поинаку од другите. Мајка ми и татко ми одлучија да ми го кажат тоа додека бев мала и мило ми е што така направија. Затоа веднаш ги сфаќав чудните коментари што ги добивав во училиште – објаснува Луиза.
По смртта на лекарите и на нејзините родители, Луиза е единствената што може да сведочи како се случило сето тоа. За да не мора одново да им раскажува на медиумите и да ја задоволи љубопитноста на светот, одлучила да напише книга, но некои детали останаа само за најблиските членови на семејството.
Денес има сосема нормален живот, кон што се стремеа и таа и нејзините родители. Живее во Бристол со сопругот и двата сина, кои се зачнати по природен пат.
Интересно е дека нејзината помала сестра Натали исто така е зачната со вонтелесно оплодување, но таа не им го привлече вниманието на медиумите.
912