Иако изостанокот на менструацијата обично се смета за еден од првите знаци на бременоста, постојат и симптоми на бременост кои може да се појават во првите денови или недели по зачнувањето, односно пред изостанокот на менструацијата. Меѓутоа, знаците што укажуваат на рана бременост може да наликуваат на симптоми кои се појавуваат непосредно пред почетокот на менструалниот циклус, поради што не се сигурен показател дека дошло до зачнување. Раните симптоми на бременоста се разликуваат од жена до жена. Некои жени не ги чувствуваат, кај други се појавуваат само неколку, додека некои жени патат од сите.

Рани знаци на бременост

Зголемена базална телесна температура

Базалната телесна температура е најниската телесна температура која телото ја има во состојба на мирување. Таа се мери непосредно по будење додека сè уште лежиме в кревет. По зачнувањето базалната температура се зголемува за речиси 1 степен и останува зголемена во текот на целата бременост. Сепак, не е сосема сигурен показател дека дошло до оплодување бидејќи 2 до 3 недели пред менструацијата е вообичаено покачена.

Чувствителност на мириси

Во текот на бременост претходно примамливите мириси на некои жени им изгледаат силни и непривлечни. Не постојат многу научни докази за чувствителноста на мирис во текот на првото тримесечје, туку главно се работи за самопроцена, но овој симптом може да предизвика мачнина и повраќање. Исто така, тоа е една од причините зошто трудниците чувствуваат одбивност кон одредена храна. Добрата вест е дека мирисот обично се враќа во нормала непосредно по раѓањето на детето или во период од 6 до 12 недели од породувањето.

Промени на градите

Под влијание на естрогенот и прогестеронот во раната бременост, може да настанат промени на дојките, Градите може да станат отечени, што е знак дека телото се подготвува за процесот на создавање млеко. Исто така, на аеролите може да се забележат ситни јазли. Се работи за масни жлезди кои секогаш се присутни, но по зачнувањето се зголемуваат бидејќи се подготвуваат за засилено излачување за да се заштити млекото од микроби.

Зголемен умор

Уморот во раната бременост го доживува речиси секоја трудница. Засилениот замор во текот на бременоста е предизвикан од големо зголемување на прогестеронот. Освен тоа, телото во текот на бременоста троши голема количина енергија за изградба на постелката. Поради тоа, и наједноставните движења, на пример, станување или одење, може да предизвикаат поинтензивен замор.

Имплантациско крвавење

Појава на лесно крвавење, кога треба да дојде менструацијата, може да биде знак кој покажува дека ембрион се всадил во матката. Имплантациското крвавење обично се појавува една недела по зачнувањето. Трае пократко од менструацијата, односно неколку часа до неколку дена, може да бидат присутни лесни грчеви, а бојата на крвта може да биде розова, црвена или кафена. Меѓутоа, жените што имаат нарушен или неправилен циклус може да го забележат крвавењето во средината на циклусот, па затоа самата појава на крвавење не мора да значи дека се работи за бременост.

Промени на цервикалната слуз

Еден од показателите на раната бременост е и промената во текстурата на цервикалната слуз. Ако забележите дека станала кремаста и останала таква по овулацијата, тоа би можело да значи дека дошло до зачнување. Како што напредува бременоста, така вагиналната слуз се менува, односно се забележува зголемен исцедок.

Зачестено мокрење

Две до три недели по зачнувањето некои жени може да доживеат зголемена потреба за мокрење. Таа настанува поради бета hCG хормонот, кој го зголемува протокот на крв во бубрезите помагајќи им поефикасно да го исчистат организмот од отпад. Освен тоа, во текот на бременоста матката се шири и се создава притисок врз меурот, поради што во него останува помалку простор за урина, што доведува до често мокрење.

Промени во расположението

Веќе од првите денови на бременоста хормоните во телото на жената почнуваат да дивеат, поради што и промените во расположението се сосема нормални. Сепак, промените во расположението се присутни и во текот на ПМС, поради што не треба да се потпирате исклучиво на овој симптом. Речиси сите рани симптоми на бременоста може да укажат и на надоаѓачки менструален циклус и не значат нужно дека дошло до зачнување. Ако се сомневате на бременост, наједноставно е да направите тест за бременост, кој може да покаже дали сте бремени и пред изостанувањето на очекуваната менструација.

Извор



912

X