Куба во понеделникот стана првата земја во светот што вакцинира деца на возраст од две години и постари со вакцина против ковид-19, користејќи домашна вакцина која сѐ уште не е одобрена од Светската здравствена организација.

Државата со 11,2 милиони луѓе има намера да ги вакцинира сите деца пред повторното отворање на училиштата, од кои повеќето беа затворени од март 2020 година.

Новата учебна година почна во понеделникот, но часовите се одржуваат преку телевизиски програми, бидејќи повеќето кубански домаќинства немаат пристап до интернет.

По завршувањето на клиничките испитувања врз малолетници со вакцините „Абдал“ и „Соберан“, Куба во петокот почна кампања за вакцинирање на деца на возраст од 12 години и постари.

Дистрибуцијата на вакцини за возрасната група од 2 до 11 години започна во понеделникот во централната провинција Сиенфуегос.

Вакцинацијата на деца на возраст од 12 години и постари е одобрена во неколку други земји во светот, а некои спроведуваат испитувања на помали деца.

Кина, Обединетите Арапски Емирати и Венецуела објавија дека планираат да вакцинираат помали деца, но Куба беше првата што го стори тоа.

Од 5.700 смртни случаи од последиците од коронавирусот, колку што се регистрирани во Куба од појавата на пандемијата, речиси половина се регистрирани во последниот месец.

Извор



912

X