Воведувањето на т.н. тандем-наставник по физичко беше иницирано од повеќе проблеми што ги засегаат најмалите, а директно се одразува врз нивната физичка и здравствена состојба

Првачињата ја почнаа новата школска година со посебна настава по физичко, која ја спроведуваат специјализирани наставници. Тоа е предвидено со новиот Закон за основно образование кој беше донесен летово. Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека спроведувањето на оваа ставка од Законот ќе почне со новата учебна година и ќе се воведува сукцесивно – ќе се однесува за годинашните првачиња и сите основци понатаму, но не и за моменталните генерации од 2. до 5. одделение.

Воведувањето на т.н. тандем-наставник по физичко беше иницирано од повеќе проблеми што ги засегаат најмалите, а директно се одразува врз нивната физичка и здравствена состојба. Истражувањата покажуваат дека голем дел од нив имаат слаба физичка активност и прекумерна тежина, искривувања на ‘рбетниот столб, слаба моторика. Нашите деца го следат светскиот тренд – повеќе време поминуваат пред компјутери и други електронски уреди, помалку трчаат и играат надвор. Дополнително, во земјава, особено во Скопје, има училишта во кои часот по физичко (во пониските одделенија) нема никаква концепција, а најмалите ученици ретко влегуваат во училишната спортска сала. Кога е сончево, надвор играат брканица, ако врне, часот по физичко станува час по некој друг предмет.

Децата едноставно немаат физичко

– Син ми ќе биде шесто одделение. Пет години нема видено сала. Училишната сала едноставно не ја употребуваа во наставата. Се надевам дека сега, со предметна настава тоа ќе се смени – вели мајка на дете од школо од скопската населба Кисела Вода.

Во друго училиште во истата населба ситуацијата е слична.
– За три години одделението во кое учи ќерка ми двапати имало физичко во сала. Децата беа возбудени како да биле во „Дизниленд“. Сосема погрешно се поставени нештата. Наместо да биде неопходен предмет заради психо-физичкиот развој на децата, физичко образование се смета за час кога не се прави ништо – вели М.А., татко на ученичка од оваа населба.

Б.К. го раскажува своето искуство со првачето во скопската Општина Центар.
– Часови по физичко имаат – со слободно трчање на децата низ необезбеден школски двор кој е во завршна градежна фаза… Просторот е „украсен“ со ‘рѓосани лимови, половично прекршени, т.е. паднати, има ‘рѓосани шајки, искршени штици и една убава голема дупка полна со отпад. Школото има спортска сала, нова, која не е пуштена во употреба поради евтини партиски препукувања – вели тој.

За проблемот разговарале на родителски средби, на Совет на родители, со градоначалникот на Општината. Родителите добиле само ветување дека сè ќе биде средено.

– За состојбата на децата доволен е само еден поглед – прекумерна тежина. Може на прсти да се избројат децата чии родители надвор од школото ги носат на спортски активности, па тие се со нормален развој. Тоа е жално – вели Б.К.

Прво ќе се пополнува фондот на постојните наставници

Во членот 54, став 5 од Законот за основно образование пишува: „За изведување на наставата по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение се вклучува и наставник по физичко и здравствено образование“. Од МОН велат дека примената ќе почне од учебната 2019/2020 година.

– Ќе важи за генерацијата ученици што се запишуваат во прво одделение и ќе се воведува сукцесивно секоја наредна учебна година. Би биле потребни 224 наставници по физичко и здравствено образование во прво одделение. Ова не значи дека ќе се вработат толку нови наставници. Ако има наставници со неполн фонд на часови, прво ќе се дополни нивниот фонд – велат од МОН.

На прашањето што со сегашните ученици од 2. до 5 одделение, од МОН велат дека тие нема да бидат опфатени со овој закон.
– Ова се нови реформи, засега ќе биде вака, невозможно е сите да бидат опфатени. Целата оваа активност произлегува од претходно истражување што го има спроведено Институтот за јавно здравје. Резултатите покажаа дека секое трето дете е со зголемена тежина и со деформитети на ’рбетниот столб. Преку ангажман на стручни кадри во овој дел од наставата, кои ќе им помогнат на одделенските наставници за поквалитетна реализација на активностите, ќе се подобри психо-физичкиот развој на децата – велат од МОН.



912

X