Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 6-годишно девојче кое е прваче. Сака да оди на училиште, но таму се однесува како да е во градинка. Учителката секој ден ми кажува дека не е мирна, дека не седи на час, не слуша и не пишува. Кога ја прашува нешто, не одговара. Ѝ вели да брои до 10, но не сака, а на одморот брои без проблем. Знае речиси сѐ, но не сака да соработува и нема концентрација. Дома постојано ѝ зборуваме да слуша, да биде мирна… Како да постапиме за да се концентрира на час и да соработува?

ОДГОВОР: Тргнувањето на училиште претставува голема промена за вашето дете, но и за целото семејство. Од детето се очекува наеднаш да биде смирено, да седи цело време во својата клупа, да ја следи наставата, која понекогаш и не е толку интересна и битна. Вие како родител би сакале вашето девојче што побрзо и подобро да се приспособи на училиштето и училишните задачи, но првото одделение за многу деца е период во кој се приспособуваат на новата средина, на новите другарчиња, новата рутина, простор, учителката и целиот училиштен систем. Некои деца побрзо се приспособуваат, додека на некои им е потребно малку повеќе време. Многу е добро што таа сака да оди, а во соработка со учителката и ќе се приспособи.

Вие сте тука да ѝ помогнете полека дома да развива работни навики, да биде поодговорна во смисла на потребите кон себе и сѐ што се случува првин дома, а потоа и во училиште.

Покрај развивањето на работните навики, треба да се развие и планирање на времето. На почетокот треба да го планирате времето по часовите заедно со детето. Кога ќе пишува и вежба бројки и букви, кога ќе игра, кога ќе оди надвор на прошетка, со тоа ќе ѝ дадете структура и рутина која потоа ќе почне да се рефлектира и во училиште. На почетокот веројатно ќе треба да ја потсетувате да го почитува договорот, но со текот на времето и доколку сте доследни, сѐ повеќе ќе развива работни навики и добро ќе го планира своето слободно време. Правете кратки паузи додека пишува и бидете трпеливи со вашето дете, разговарајте како се чувствува во училиште, искористете ги моментите кога има што да каже и секогаш имајте време за неа. Потребно е време за детето да сфати дека училиштето е трајна обврска, да се организира и да почне да ги исполнува своите обврски.

Децата првенствено сакаат да си играат и тоа им е најубаво, но со време и упорност детето ќе се приспособи и на другите животни потреби и обврски. Со вашата љубов, граници, доследност, трпение и поддршка, таа ќе има можност да се вклучи во новиот образовен систем и во стекнувањето на новите навики.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X