Исклучително е важно родителот да биде подготвен да се оддели од своето дете и да го одведе во градинка

Поаѓањето во градинка е голема животна промена за секое дете. Од топлиот и безбеден дом во кој се чувствува најпријатно, тоа одеднаш преминува во нова средина, за него сосема непозната. Иако поголемиот дел од децата се приспособуваат лесно и брзо, има дечиња на кои самото одделување од родителите им е незамисливо. Има и родители што тешко се приспособуваат на новината во животот. Како детето ќе гледа на градинката, во голема мера зависи од родителите, односно како тие му ја претставуваат и како го подготвуваат за престојот таму. Психологот Борјана Јанакиева-Заева советува како детето правилно да се подготви за одење во градинка.

Подготвеноста на родителот на прво место

Родителот треба да биде смирен и во никој случај да не му ја покажува својата загриженост на детето. Тоа лесно може да ги почувствува емоциите на родителот и ќе почне да се однесува исто. Затоа е важно родителите да бидат сигурни во својата одлука детето да тргне во градинка и да имаат позитивен став околу тоа, објаснува психологот.

– Исклучително е важно самиот родител да биде подготвен да се оддели од своето дете и да го одведе во градинка. Ако тој е под стрес, тогаш несвесно истиот тој стрес ќе му го пренесе на своето дете. Затоа родителот пред сѐ треба смирено да му објасни на детето дека ќе оди во нова средина кај што ќе запознае нови пријатели и ќе се забавува – вели Јанакиева-Заева.

Реална слика за градинката

Родителите често пати знаат да преувеличуваат кога му зборуваат на детето за градинката. Му опишуваат дека тоа е идеално место надевајќи се дека на тој начин полесно ќе го прифати фактот дека треба да се оддели од родителите и да се приспособи таму. Но, не секогаш е така.

– Мајката треба да му ја прикаже реалната слика на детето за градинката. Да му објасни што сѐ се прави во градинката и што ќе се очекува од него таму. Мајката не треба да зборува дека градинката е идеална бидејќи детето може премногу да очекува, па подоцна да се разочара и да покажува отпор. Родителот треба да му објасни на детето дека градинката е место каде што ќе има многу деца и играчки, дека таму ќе има време за спиење, за игра, но треба и да ја слуша воспитувачката – објаснува Јанакиева-Заева.

Значителни промени не се пожелни

Секое дете различно се приспособува и различно реагира на новите услови во градинката. За одредени деца промените се стресни ситуации, па реагираат со плачење и покажување отпор. Преку плачењето детето го искажува своето незадоволство од одењето во градинка.

– За детето побрзо да се приспособи кон новите промени, важно е родителот да остане смирен, да не му ја пренесува напнатоста на детето и да не внесува значителни промени во неговиот живот пред тргнувањето во градинка – додава Јанакиева-Заева.



912

X