Дали сте еден од оние родители што започнуваат со одбројување до празниците и прават листа со подароци за сите членови на семејството и пријателите? Не сте сами. Сите оние попусти за Црн петок може да помогнат во „растегнување“ на семејниот буџет уште малку повеќе. Но, дали е можно да се прослави празничниот дух без консумеризам? Ова се неколку идеи како да ја одбележите сезоната без подароци.
Зошто воопшто да размислувате за празници без подароци? Се разбира, прекрасно е кога ќе го изберете совршениот подарок и ќе ги израдувате најблиските, но има и многу родители кои би го „прескокнале“ делот со избирање подарок и трошење пари. Празниците без подароци се можни и може да бидат одлично време за поврзување со семејството. А и нема да потрошите голем дел од своите финансии. Не треба да се грижите дали децата ќе се налутат, бидејќи на крајот тие не се сеќаваат на играчките што ги добиле, туку на начините на кои ги поминувале празниците – вели д-р Стеф Ли, педијатар.
„Ако немате буџет за скапи подароци, не грижете се, доброто родителство е она што креира долгорочни, среќни сеќавања.“
Како да ги прославите празниците без подароци
„Има многу причини да го изберете овој начин, па помогнете им на децата да разберат. Може да им е тешко бидејќи се навикнале на подароци за празниците, но валидизирајте ја промената – тешка е, но погрижете се деновите да бидат еднакво важни на различни начини“, вели д-р Кери Тарнер, психолог. Може да создадете нови традиции и да ги зајакнете вредностите што сакате да ги имаат вашите деца. Има неколку начини како да ја одбележите празничната сезона без трошење премногу пари на подароци:
Правете заеднички активности како семејство
Можете да возите велосипеди, да планинарите, да шетате, да играте друштвени игри, да печете колачиња, да сложувате сложувалки и што уште не – само бидете заедно.
Децата нека ве научат на она во кое тие уживаат
Сакаат „Мајнкрафт“? Имаат одредено хоби кое го обожаваат? Бидете вие ученикот и оставете детето да ве научи на она што го сака. Така ќе поминувате квалитетно време заедно, ќе научите повеќе за вашите деца и нивните интереси, а тие со задоволство ќе се навраќаат на таквите спомени кога ќе пораснат.
Волонтирајте заедно како семејство
Празничната сезона е одлично време за да се помогне. Дискутирајте со децата за проблемите што тие сметаат дека се важни и она што го забележале во општеството или околината, па може заедно да волонтирате како семејство и да им помогнете на други. Можеби потоа повеќе ќе се одлучувате да бидете дел од такви активности, па ќе го негувате духот на љубезност, добрина и емпатија во семејството.
Празничен филмски маратон
Гледање филмови со целото семејство е еден од начините за да се зближите. Земете ќебенца, грицки и уживајте во празничните заеднички моменти.
Сами направете ги подароците
Празничната сезона без подароци можеби звучи тажно, но може да земете предвид креативна изработка. Децата може да печат колачи, вие да направите украси за нив, може да си напишете писма едни на други и едноставно да ја ширите позитивната празнична сезона.
Алтернативни празнични традиции
Празниците, исто така, се период и за одмор и пауза, да размислиме што имаме и да го цениме секој момент со семејството. Можеби треба да ја искористите таа шанса и да им покажете на своите деца уште еднаш колку се сакани и ценети. Празниците се одличен период за емоции и изразување љубов и внимание.

Фокусирајте се на искуства
Работите доаѓаат и си одат, но искуствата остануваат во нашите сеќавања. Одете на празнично шоу заедно, кампувајте на снег, одете на патување. Едноставно бидете заедно и уживајте.
Креирајте нешто прекрасно со своите деца
Тука нека проработи креативноста – сè што ќе ви падне на ум, што може да се спроведе како заедничка активност, преточете го во дело и забава.
Посветете ден на секое дете
Еден начин за да му обрнете внимание на своето дете е да направите да се чувствува посебно, па може да посветувате денови од празниците на вашите деца. На денот посветен на одредено дете може да го зготвите неговото омилено јадење, да ги играте неговите омилени игри и да ги посетите неговите омилени места. Едноставно, денот да биде исполнет со нешта што ќе го усреќат детето.
Автор: Вирџинија Дуан