Кога бев бремена, прочитав 4 книги за бременост и две за породување. Не прочитав книги за тоа какво ќе биде моето тело во првата година по породувањето бидејќи не сум слушнала за такви книги.

Во тој период многу жени премалку се информирани за сопствените тела, а учат многу работи за нивните бебиња. Малкумина од нас се подготвени за секс и вежбање 6 недели по породувањето, но потребен е голем период за заздравување на телото во кое растело друго човечко битие.

Разговарав со двајца гинеколози-акушери, медицинска сестра, двајца физиотерапевти кои се специјализирани за телото по породувањето и две мајки. Сите експерти рекоа дека многу луѓе имаат прашања за тоа „што е нормално“, па препорачуваат да се јавите на гинекологот, бабицата и матичниот лекар ако сте загрижени за нешто конкретно или специфично. За многу од симптомите што се јавуваат, следниот чекор е разговор со физиотерапевт. Експертите тврдат дека не треба да живееме со болка и непријатност, како и дека вашето здравје е исто толку важно колку и здравјето на бебето.

Што да сторите?

1. Не игнорирајте ги загрижувачките промени

Мокрење кога кивате, се смеете или вежбате е вообичаен симптом по породувањето. Тоа е проблем со карличното дно, збир на мускули што се протегаат, во облик на чинија, помеѓу опашката и срамната коска. Имате чувство дека морате почесто да уринирате и дека не можете да ја додржите урината – што значи дека првиот чекор треба да биде консултација со физиотерапевт, специјализиран за овој дел од телото. До ова доаѓа поради протегнувањето на мускулите во тој регион за време на породувањето.

2. Правете вежби за карлицата – ама не Кегелови

Со Кегеловите вежби вршите контракција на карличните долни мускули. Но, тие не се секогаш од помош бидејќи е тешко да ги научите самите, па најдобро е да се посети физиотерапевт. Кај некои жени мускулите на карлицата се премногу тесни, па Кегеловите вежби само би ја влошиле состојбата. Потребно е да се употреби метода за релаксација и контракција, но делот со релаксирањето е тежок. Често луѓето бараат вежба која можат да ја прават секој ден по 10 минути. Но, тука е важно како се движат луѓето при секоја нивна секојдневна активност, од станувањето од кревет до подигнувањето овошје од подот или бебе од креветче. Најсоодветниот начин е да се клекне, да се задржи центарот на гравитација над колковите и да не се наведнувате нанапред. Потоа издишете, вклучете ги абдоминалните мускули и исправете се користејќи ги ножните мускули, а не вашиот грб.

3. Не справувајте се со болен сексуален однос

Не е реткост да дојде до непријатно чувство или болка првите неколку пати кога искусувате секс по породувањето, но потоа, ако продолжи таквата ситуација, немојте да го трпите тоа. Првиот чекор е да го правите тоа полека и да бидете нежни кон себеси. Често гинеколозите ќе советуваат да се користи лубрикант, бидејќи доењето го потиснува лачењето на естрогенот, а естрогенот произведува лубрикација, објаснуваат експертите. Но, лубрикантот е само почетокот, се согласуваат експертите. Болката за време на сексот, освен од сувоста, може да биде предизвикана и поради дисфункција на карличното дно, односно стегнати или развлечени мускули. Можете да се обратите кај вашиот матичен гинеколог за совети во врска со соодветна терапија.

4. Барајте помош ако чувствувате притисок во вашата вагина

Некои жени искусуваат ваков притисок, како нешто да ги попречува цревните движења или „како половина од сув тампон да излегува од мене“, велат некои пациентки. Ваквите сензации може да значат пролапс на карлицата, кога некој орган, како матката, мочниот меур или уретрата, ја менува правилната позиција или притиска кон вагиналниот ѕид. Експертите велат дека пролапсот е нешто за кое жените се најмалку подготвени. Некои од ваквите случаи може да се санираат со операција, но полесните облици може да се третираат и само со лежење и избегнување висок притисок врз абдоменот. За подобро менаџирање на нивото на притисок врз абдоменот, не наведнувајте се додека вршите голема нужда и издишувајте наместо да вдишувате или да го задржувате здивот кога вложувате некој напор.

5. Прашајте го вашиот лекар за болката околу лузната

Ако чувствувате болка кај лузната од царскиот рез, консултирајте се со вашиот лекар. Може да ви препорача масажа на тој регион или мобилни третмани од страна на физиотерапевт. Сепак, бидете свесни дека научните податоци за ефективноста на масажата на лузни се ограничени бидејќи малку е проучувана. Болката од лузната е вообичаена. Една студија открива дека 18 проценти од жените што имале царски рез сè уште имаат болка на местото, а 10 проценти што имале природно породување сè уште чувствуваат болка во вагината или перинеумот (регионот помеѓу вагината и анусот).

6. Научете да го носите бебето на двете страни

Носењето, кревањето и спуштањето на бебето додека доите е тешка физичка работа, особено за жените што се бремени. Навиките за вашето држење и движење се менуваат во текот на бременоста, а телото произведува хормони релаксин и прогестерон, кои ги олабавуваат лигаментите и зглобовите. Бебешките предмети не помагаат, на пример, автоседиштата и креветчињата, сметаат експертите. Тие се дизајнирани за безбедноста на бебињата, а не за безбедноста на родителите. Обично се тешки и родителите ги носат со една рака, па се создава дисбаланс на мускулите. Експертите препорачуваат родителите да практикуваат рано и често носење на бебињата од двете страни еднакво. Ако болката продолжува и по воведување на овие промени, физикалната терапија е добра идеја.

7. Користете соодветна форма за седење

Ако чувствувате празнина во вашите абдоминални мускули, можно е да имате дијастаза, кога сите слоеви на абдоминалните мускули се двојат во средината. Ова се случува за време на бременоста кога се создава простор за растечката матка, но ако продолжи и по 6 недели од породувањето, зборувајте со вашиот лекар, кој може да ви препорача третман и физиотерапевт. За да избегнете притисок на овие мускули, избегнувајте клекнување, а кога седнувате, не седнувајте право користејќи ги само абдоминалните мускули: прво завртете се настрана и користете ги своите раце.

Кога да се загрижите:

– Ако имате недостиг на здив, болка во градите или напади, повикајте итна помош.

– Ако имате рана од царски рез која не заздравува и температура над 38  Целзиусови степени, обилно крвавење, црвена или потечена нога која ве боли или е топла, или главоболка која не поминува ниту со лекови, јавете се на лекар.

– Ако имате гестациски дијабетес, бидете сигурни дека го добивате добриот третман според советите на лекарот.

– Ако имате висок крвен притисок во текот на бременоста, бидете сигурни дека постојано ви е регулиран и разговарајте со лекарот за креирање план за периодот по породувањето (и тогаш постои ризик за висок крвен притисок).

– Ако се откажете од пушење или некој вид дрога во текот на бременоста, разговарајте со вашиот лекар за план по породувањето. Животниот стрес проследен со одгледување бебе може да доведе до повторно посегање по пороци.

Автор: Ана Новогроцки

Извор



912

X