Бремените жени главно се препознаваат по стомакот, но бременоста е многу повеќе од тоа. Тим на Радио-телевизија Србија истражувал низ какви сè промени поминуваат трудниците.

Очигледно е дека во бременоста стомакот се зголемува, но ретко кој забележува дека на жените им се зголемуваат и стапалата. На некои дури и за еден број. Кои сè други промени се случуваат, раскажаа трудници.

„Најголемата промена што ја почувствував беше на емотивен план, бев прилично плачлива, сè ми пречеше: зошто сега сонцето сјае, зошто сега врне дожд, и постојано беше така“, вели Мирјана Перовиќ.

Мирјана Пешиќ ќе ја памети бременоста по раздразливоста и поспаноста, но и по промената на кожата на лицето. Нејзината цимерка Наташа Луковиќ вели дека бременоста навистина е поинаква состојба бидејќи тогаш се појавуваат необични желби за храна.
Дебелината е само еден од проблемите со кои се соочуваат бремените жени. Може да се јават и многу посериозни проблеми, предупредуваат лекарите.

„Често се случуваат нарушувања на тироидната жлезда при лачењето на хормоните бидејќи тие брзо растат и се појавуваат некои нови во текот на бременоста кои ги лачи и самата плацента, значи многу се чувствителни, сите нарушувања на ендокрините жлезди, а потоа на кардиоваскуларниот систем“, наведува д-р Бранка Лазиќ од Здравствениот дом „Стари град“.

Има уште еден предизвик пред трудниците, а тоа е да препознаат што е лажен аларм, а што е вистински проблем.

„Доколку се работи само за утринска мачнина, тоа е нешто што е релативно нормално за трудниците, но доколку бремената жена повраќа, а повраќањето е проследено со невнесување храна неколку пати во текот на денот, се разбира, тогаш треба да одите на лекар“, предупредува д-р Весна Мандиќ-Марковиќ од ГАК „Народен фронт“.

Исто така, бремените жени не треба да се срамат доколку се несигурни во себе и во своето потомство. Бидејќи освен хормоните кои управуваат со нивното тело, еднакво е важно и влијанието на средината.

Психотерапевтот Леонора Павлица со години со трудниците поминува низ нивната состојба.

„Најчести причини поради кои доаѓаат во советувалиштето се некои промени во спиењето, некоја непријатност, несоница, промена во апетитот. Исто така, многу чести се промените во расположението, имаат црни мисли околу грижата за потомството, околу тоа како ќе помине породувањето, до многу честите флуктуации на расположението. Исто така, се јавуваат испади на бес, неможност на самоконтрола, и тоа прво го чувствуваат членовите на семејството“, објаснува Леонора Павлица.

Враќањето во првата состојба, според лекарите, жената може да го очекува по шест недели од породувањето.
Бременоста не е болест.  Мачнините и промените во димензиите на телото се само дел од она за што идната мајка треба да се подготвува.
Освен тоа, тоа е период на соочување со сопствените стравови и очекувања, па затоа е важна поддршката од најблиските. За почеток, уште во првите месеци од бременоста важно е да се направи реорганизација и бремената жена да се ослободи од претходните одговорности.



912

X