Три од пет болни деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите се наоѓаат на домашно лекување

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе одлука најмалку две недели да се затвори градинката во скопската населба Радишани, каде што пет деца се заразиле со морбили (мали сипаници). Сите заразени биле невакцинирани.
Во моментов, информираат оттаму, се регистрирани шест заболени лица. Освен петте деца од предучилишна возраст, болен е и еден возрасен маж.

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, изјави дека е прогласена епидемија на морбили (мали сипаници), која е последица од неколкугодишните негативни кампањи против вакцинирање, особено за МРП-вакцината (за морбили, рубеола, паротитис).
– Колективниот имунитет е навистина паднат. Станува збор за болест која се превенира со вакцинација. Упатувам уште еден апел, покрај сите кампањи што ги прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Воедно, упатувам апел до родителите да не ги носат децата во оваа градинка. Периодот од 2 недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а понатаму и за имунизација на сите деца што не се вакцинирани. За жал, сите заболени лица се невакцинирани. Три од пет деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се наоѓаат на домашно лекување – изјави министерот Филипче.

Фото: Министерство за здравство

Министерот додава дека опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Како децата растат, така родителите ги вакцинираат. Најмал е опфатот со вакцинација кај децата од 1, 2, 3 години и понатаму процентот на вакцинација расте.

Министерството, вели тој, ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита.
– Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. И ние ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација – потенцира министерот Филипче.

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје вели дека морбилите можат да дадат тешка клиничка слика, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка дијареја и во одредени случаи дури и смрт.
– Од Центарот за јавно здравје добивме информација за шест заболени лица, од кои три се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а три се на домашно лекување. Од овие, само три се лабораториски потврдени, а во тек се наодите и за другите заболени, но клиничката слика укажува дека станува збор за мали сипаници – рече Микиќ.
Иако е прогласена епидемија на мали сипаници, лекарите апелираат родителите да ги однесат децата на вакцинација.



912

X