Марсела Марес е студентка и мајка, а нејзината објава докажува дека овие две работи не е едноставно да ги усогласите, особено во време на пандемија. Наставата на факултетот каде што студира се одржува онлајн, а таа неколку пати на ден мора да го дои своето дете.
Нејзиниот професор не е свесен за потребата на детето, па ѝ забранил да го дои за време на онлајн-часовите нарекувајќи го „непристојно“.
– Мојот професор бараше да ги вклучиме микрофонот и камерата за време на онлајн-часот како знак дека сме присутни на час. Му реков дека немам проблем со тоа, но дека ќе треба понекогаш да ја исклучам камерата за подоите на мојата ќерка. Неговиот одговор беше дека тоа не е нешто што треба да го правам за време на часот, туку во слободното време. Не одговорив и часот почна. Првото нешто што го кажа беше дека добил чудна е-порака од студентка која сака да прави непристојни работи за време на часот“.
– Луѓе, мора да ги сфатите вашите приоритети и да ги оставите другите работи настрана и да бидете креативни кога му требате на вашето дете – бил одговорот на нејзиниот професор.
Изјавата на професорот ја налутила и засрамила, но тогаш сфатила дека тој треба да се засрами.
– Тој ме дискриминира и вели да го тргнам настрана она што ми пречи. Зборуваме за дете, а не за мобилен телефон или телевизор – пишува таа.
Марес одлучила да го игнорира барањето на професорот и во текот на часовите продолжила да ја дои ќеркичката со вклучени камера и микрофон. Освен тоа, се пожалила и на колеџот „Фресно сити“ каде што студира. Барањето на нејзиниот професор го прекршува законот во Калифорнија, според кој факултетите треба да им излезат во пресрет на оние што треба да ги дојат своите деца, без да добијат академска казна.
Марес испрати е-порака до координаторот на училиштето, Лорејн Смит. Неколку дена подоцна таа добила извинување од професорот.
– Се извинувам за непријатностите во однос на твоите намери да го доиш твоето бебе. Отсега имаш право да го доиш кога било во текот на часот, а тоа вклучува и групна работа, слушање лекција и правење квиз или тест. Можеш да ја исклучиш камерата секогаш кога е потребно да го направиш тоа – пишувал професорот.
Колеџот потврди дека добил жалба од Марес, но вели дека проблемот е решен и дека ѝ е дозволено да го дои бебето во текот на часовите.
Извор: Daily Mail | Nypost.com