Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 6,5 години и последниве два месеца имаме проблем со однесувањето. Ако му предложиме нешто што не му се допаѓа, почнува да вреска. Му велам да се искаже со зборови, што чувствува, бес, тага и слично. Обично шетаме во природа, во град за да му биде денот исполнет, но времето што го поминуваме дома е немирен, непослушен. Дедо му вели дека е невоспитан, дека треба тепање. Јас не го тепам, гледам со разговор да се надмине проблемот. Со баба му кога шетале виделе некролог и сега наеднаш има интерес за нив и ме тера да ги кинеме.

ОДГОВОР: Претпоставувам дека вашето дете е веќе тргнато на училиште и се надевам дека приспособувањето и навикнувањето на новите предизвици поминува добро.
Како растат децата, така развиваат најразлични начини како да се справат со емоциите и секојдневниот живот, развиваат и јазични вештини потребни за вербално да ги изразат чувствата како гнев и фрустрација. Во оваа возраст децата покажуваат различни промени во расположението, фрустрација, импулсивност итн.
Што се однесува до тоа што вреска кога нешто не му се допаѓа или не сака, тоа е природна реакција и нормално е да се налути и да протестира. Тој не знае на друг начин да ја изрази својата лутина и фрустрација, а кога го прашувате, веројатно и не знае со какво чувство се бори, па затоа сте тука вие да му помогнете. Наместо да го прашувате што чувствуваш, треба да му кажете: „Ти се налути бидејќи ти реков…“ или „Тешко ти е…“ Потрудете се во тие моменти да имате смирен тон и да не ја покажувате вашата вознемиреност бидејќи на тој начин тој ќе учи како и на кој начин сам да ги неутрализира своите емоции.

Многу е важно во развојот на децата да им се поставуваат граници во однесувањето, а истовремено да се чувствуваат дека се сакани и прифатени. Тие, секако, многу брзо сфаќаат каде можат да ги поместуваат границите доколку не сме доследни. Затоа, бидете доследни, од вашата доследност детето ќе учи дека секое однесување има и свои последици. Бидете јасни и избегнувајте какви било закани, доследноста за детето значи сигурност. Ако детето дома се однесува неприфатливо би требало да знае што се очекува од него, што може да се толерира, а што не.

Барањето внимание, исто така, може да биде причина зошто вашето дете може да е толку бунтовно и немирно кога е дома. На сите деца им треба внимание и ако чувствуваат дека не можат да го добијат она што го сакаат со позитивно однесување, можат да прибегнат кон негативно однесување. Најефективен начин за дисциплинирање на децата е да им се обрне внимание, да се поттикне доброто однесување и да се обесхрабри лошото. Сите деца сакаат нивните родители да обрнат внимание на нив.

Разговарајте, кажете му на вашето дете за неговите граници, што може и што не може да прави. Воздржете се од викање или карање, зборувајте убаво и објаснете го проблемот, помогнете му да разбере каде греши и како би требало да се постапува и зошто тоа е добро.

Веројатно кинењето на некролозите тој го доживува како игра, поради тоа објаснете му зошто не треба да се кинат и уништуваат и научете го како да ги почитува работите како дома така и надвор. На вашето дете му давате љубов, упатства за животот и му ги објаснувате правилата за да може здраво да се развива.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за како да постапите и развиете подобар однос со вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X