Во скопската градинка „Кочо Рацин“ привршува изведбата на сензорната соба за престој на деца со интелектуална попреченост и тешкотии во развојот. Денеска градинката ја посетија градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, почитувајќи ги сите препораки од надлежните институции. Станува збор за три сензорни соби, во секоја градинка во Општината. Опремени се по сите меѓународни стандарди за работа со деца со интелектуална попреченост и тешкотии во развојот. Се работи за современ концепт кој вклучува низа активности потребни за развојот на оваа категорија на деца.

– Предучилишниот и раниот детски развој претставуваат приоритет број еден. Инклузивното предучилишно образование треба да им помага на нашите најмлади граѓани понатаму да се развиваат и да влезат во процесот на образование. Сензорната соба претставува инструмент, алатка во рацете на стручните работници и вработени во градинките, кои преку претходна обука можат да одговорат на потребите на децата, кои преку сензорната соба ќе ги развиваат своите сензорни способности вели Шахпаска.

Грантот е добиен од Швајцарската агенција за развој и соработка UNDP. Во рамките на проектот реализирани се и обуки на стручниот и воспитниот кадар во градинките за работа со овие дечиња во сензорните соби, од страна на лиценцирани едукатори.
Вкупниот буџет на проектот е 1.540.000 денари, од кои 1.400.000 денари се наменети за опрема на трите сензорни соби и 140.000 денари за обука на стручниот и воспитен кадар.



912

X