Во текот на неколку години кариера во финансии и работа како трговец со акции во Њујорк, Стивен Менкинг не се чувствувал исполнето. Тој направил сѐ што се очекувало од него. Дипломирал со почести по математика и економија на колеџот „Вилијамс“ и завршил неколку обуки. Ова му донело работа во инвестициско банкарство веднаш по завршувањето на колеџот.
За брзо време сфатил дека не е подготвен да го жртвува балансот помеѓу работата и животот за „златните окови“ на Волстрит.
Инспириран од неговото искуство како тутор на неговите соученици додека бил средношколец, Менкинг ја напуштил работата во финансии и почнал да работи како хонорарен наставник за ученици по математика. Откако поминал низ различни агенции, тој ја нашол компанијата „Форум едукација“, еден вид агенција за таленти меѓу туторите која цели на богатите семејства од приватниот училиштен систем во Њујорк. Денес, Менкинг е еден од петте најдобри тутори на „Форум едукација“. Тој заработува околу 500.000 долари годишно. Заработува повеќе како учител отколку во финансии.
Долго време туторството се сметаше за работа со скратено работно време. Пред 10 години списанието „Атлантик“ ги опиша како нови келнери, бидејќи дипломираните студенти од престижните универзитети во Њујорк почнале да даваат часови за да врзат крај со крај додека се на програмите за постдипломски студии. Се проценува дека глобалната индустрија достигна 10,42 милијарди долари приход во 2024 година.
Пред да го основа „Форум едукација“, коосновачот и извршен директор Томас Хауел работел како наставник. Откако дипломирал на „Јејл“ компаративна книжевност, тој им предавал математика, природни науки и хуманистички науки на средношколци. Подготвувал стандардизирани тестови заработувајќи 45 долари на час и паралелно одел на постдипломски студии по медицина. Хауел го опишува своето туторско искуство како привремена работа за која бил лошо подготвен и недоволно платен.
– Во еден момент бев под договор со дури седум различни агенции. Се сеќавам дека се чувствував малку лудо. Бев фрлен во интензивна средина со студенти кои имаа сложени проблеми со учењето, а притоа немав многу искуство – раскажува тој.
Заштедувајќи пари, Хауел и негов другар ја основале компанијата. Некои тутори заработуваат од 400 до 1.000 долари од час, додека Хауел вели дека најдобрите тутори заработуваат повеќе од 500.000 долари годишно.
912