Колку и да не сакаме да признаеме, социјалните мрежи нѐ заробија, тие се дел од нашиот секојдневен живот. Ретко кој наутро може да го почне денот без да го провери својот мобилен телефон.

Но, зошто е тоа така?

Порано луѓето се будеа, го пиеја утринското кафе и полни со елан заминуваа да ги остварат своите цели. Низ улиците беше забележлив хаосот, ученици брзаа на училиште, луѓето на работа, а по некое време бучавата стивнуваше.
Но, тоа беа други времиња. Денес сѐ почесто можеме да видите луѓе кои возат и разговараат на телефон, преминуваат улица заборавајќи да погледнат лево-десно. Сите се толку окупирани со своите мобилни „аксесоари“, што си го ставаат животот на коцка, а не се ни свесни за тоа.
Социјалните мрежи се приказна за себе. Се прашувам кога стана стандард да објавуваме каде сме биле, колку пати и со кого сме пиеле кафе. Што се случи со интимното дружење меѓу пријателите? Помодарство би рекла. Фалбаџиство. Некои луѓе се толку влезени во филм, што просто имам чувство дека губат допир со реалноста.

Во ред, сите (потајно) сакаме да бидеме прифатени од општеството, од нашата средина, но дали тоа мора да е по цена на приватноста?
Социјалните мрежи не мора да значат нужно зло. Во период кога технологијата вртоглаво се менува и подобрува, социјалните мрежи се златен рудник за сите фирми. За секој што има идеја и сака да започне свој бизнис, да остварува контакти, да има состаноци со луѓе од целиот свет.

Денес, без да патуваш, го имаш целиот свет на дланка.

И тоа е убавината во сето тоа. Сите знаеме дека е многу подобро да стапнеме на туѓа почва, да се запознаеме со разни култури, да собереме искуство и да го пренесеме кај нас. Со социјалните мрежи нештата стануваат многу полесни.

Јасмина Волческа

Сепак, тие имаат и своја темна страна. Иако сакаме да уживаме објавувајќи фотографии од нас, нашите пријатели, дали сме сигурни кој стои зад даден профил од другата страна?

Еден случај со девојка која била принудена да испраќа голи фотографии од себе, кои веднаш се раширија, па врсниците ѝ го загорчија животот и на крај таа посегна по својот живот. И ова е само капка во морето. Во денешницава сѐ ја изгуби вредноста.

Просветно лице кое е задолжено да го надградува знаењето на учениците, му испраќа голи слики на омилениот ученик. Го повикува насамо, а некои одат и подалеку од сето тоа.
Се згрозувам од сето ова. Социјалните мрежи не беа ништо освен место каде што млади луѓе се дружеа. Стекнуваа пријателства, се обновуваа стари пријателства. А сега…
Денес не можеш да го искажеш своето мислење без да бидеш бомбардиран од пцости, незамисливи и доста креативни, добро смислени навреди. Нечија вредност се мери по тоа кој колку лајкови има, каков автомобил има, колку пријатели има, кои места ги посетил, да не речам минал крај нив и се означил.

Секој има право да објавува што сака, но општото лудило никако да замре. Се изгубија дружењето, комуникацијата на луѓето се сведе на праќање пораки од типот: – Сине, дојди во дневна, ручекот е подготвен. Нема блискост, едни на други сме си непријатели. Се гушкаме, држејќи си острица која неосетно си ја забиваме. Сите се зафатени, сите зјапаат во мобилните телефони стравувајќи дека ќе пропуштат нешто важно.

Знаете што, најголемата иронија во сето ова е што така животот ни поминува. Еден ден ќе сакаме да се сетиме на нешто, да побараме некој наш омилен спомен. Најверојатно ќе треба да бараме по датотеките на мобилните телефони. Сепак, дали видот ќе нѐ служи толку добро? Не верувам, но тогаш ќе прогледаме. Сѐ ќе ни стане појасно. Животот помина, наместо да уживавме во утринско изгрејсонце, насмевката и гордоста во очите на нашите родители, љубовта со која нѐ опсипуваа и се грижеа за нас, ние бевме заробени во еден вител на искривени вредности.

Освести се, додека сѐ уште можеш!

Автор: Јасмина Волческа, дипломиран филолог по италијански јазик и книжевност



912

X