Причини поради кои родителите плаќаат приватни часови има повеќе и може да се различни во секое семејство. Генералната слика најчесто зборува за можна незаинтересираност на децата да научат во редовната настава, неумеењето на наставниците да го предадат материјалот интересно, за децата лесно да го совладаат, а проблем се и преобемните паралелки…

Семејство со едно дете што оди во училиште месечно во просек троши по 2.000 денари за воннаставни часови. Ако нема кој да им помогне во семејството, многу деца, особено во главниот град, одат на минимум два курса додека трае учебната година или, пак, на приватни часови за некој предмет. Најчесто станува збор за странски јазик, за што во просек се плаќа по 1.000 денари месечно. Исто така, голема е побарувачката за помош при учење природни науки – математика, хемија, биологија, физика…

Причини поради кои родителите плаќаат приватни часови има повеќе и може да се различни во секое семејство. Генералната слика зборува најчесто за можна незаинтересираност на децата да научат во редовната настава, неумеењето на наставниците да го предадат материјалот интересно, како што треба за децата лесно да го совладаат. Проблем се и преобемните паралелки, а со тоа и неможноста да се посвети потребното внимание на секое дете. Овде има влијание и тоа што на час неретко се случува детето да ја изгуби концентрацијата, па материјата да остане неусвоена како што се бара согласно програмата. Некои родители и наставници зборуваат и за несоодветна конципираност на материјалот на возраста на децата.

И по 500 евра во една училишна година

Игор М. од Скопје е татко на деветтоодделенец. Тој вели дека месечно за приватни кусеви и часови за неговиот син плаќа повеќе од 4.000 денари, односно за осум месеци колку што трае учебната година, од семејниот буџет за оваа намена издвојуваат со сопругата повеќе од 30.000 денари.
– Син ми оди на дополнителни приватни часови по физика, англиски и математика. Сега сака и на друг јазик да се запише, но ќе видиме. Многу пари од семејниот буџет ни одат за сите тие дополнителни часови месечно. Физика еден час е 350 денари, курсот англиски е 1.000 денари месечно, математика е 300 денари од час. Исто така, оди и на програмирање, за тоа плаќаме 5.000 денари за три месеци, таков е курсот. Јас запишувам кој ден каде треба да оди зашто не се памети – вели Игор.
Теодора М. има ќерка која исто така е деветто одделение во основно училиште во Центар во Скопје. Вели дека тоа што девојчето оди на приватни часови дава резултат, но неопходноста од дополнителна настава, според неа, зборува за тоа дека образованието не го дава потребното знаење.
– Ќерка ми оди на дополнителни часови по хемија, а еден час чини 400 денари. По овој предмет мора да оди на часови затоа што на настава не може да постигне да го совлада материјалот. Двесте денари плаќаме и за математика од час, но на тие часови оди вообичаено пред да имаат тест на училиште. Математика не сме задоволни од наставничката на училиште бидејќи не се труди да им објасни на децата. Само им фотографира задачи и им кажува да ги решаваат. Сето ова си има ефект, детето повеќе знае и покажува резултати, но тоа, од друга страна, покажува дека образовниот систем не го дава она што би требало, а тоа е – доволно знаење. Кај ќерка ми во одделение ретко кое дете е оставено само на она што се предава само на училиште – вели Теодора.

Фото: КолектифПрес

Решавање задача – 50 денари

Мајка на второодделенец, која и самата со години наназад им дава часови на ученици по математика и физика, вели дека секое дете оди на минимум два курса.
– Час по биологија или хемија се движи од 300 денари нагоре. Математика часовите се најевтини затоа што има повеќе професори кои даваат приватни часови, за разлика од биологија и хемија. Тие затоа се и поскапи. Математика се движат од 250 денари за еден час до 450 денари ако професорот доаѓа дома кај детето. За физика, побарувачката е помала затоа што тој предмет го имаат само во осмо и во деветто одделение. Пишување состав по македонски јазик е 500 денари. Професор да ти реши задача е 50 денари – објаснува таа.
Најмногу воннаставни часови, според нашата соговорничка, децата земаат пред да прават писмена.
– Родителите се принудени да ги праќаат децата на приватни часови од повеќе причини. Една од нив е нивната незаинтересираност да научат во редовната настава, но често и неумеењето на наставниците да го предадат материјалот за секое дете да го усвои како што треба. Проблем се и преобемните паралелки, а со тоа и неможноста да се посвети потребното внимание на секое дете – вели мајката, чие дете учи во училиште во Општина Карпош.
Инаку, плаќањето за приватни часови по дома многу често е „на рака“.



912

X