Почетоците се тешки, без разлика дали се тргнува на училиште, на работа или во градинка. А особено во јасли. Треба да се примени процес на приспособување во градинката или јаслите. За некои тоа е многу тешко, а за некои изненадувачки лесно.

Приспособувањето носи со себе многу различни чувства. Најчесто се измешани кај нас, возрасните, а и кај децата. Почетокот на градинката означува нов чекор во вашето семејство и нормално е вие ​​како родители да поминете низ цела една мешавина на нови чувства. Но, со овие совети ќе добиете насоки за олеснување на целиот процес.

Бидете самоуверени

Запомнете дека кога го оставате вашето дете во градинка, вашето лице ги следи вашите зборови. Кога ќе го поздравите вашето малечко со среќен и возбуден глас, за да му дадете до знаење дека сѐ ќе биде во ред, имајте на ум дека вашето лице мора да го каже истото. Преплашениот поглед или очите полни со солзи нема да го наполнат со самодоверба вашето малечко, а ниту вас.

Вежбајте

Тешко е кога по една година треба да се разделите од вашето малечко. За да му помогнете да се раздели, потребно е малку да вежбате. Доколку имате можност, одвреме-навреме оставете го малечкото кај баба и дедо накратко или кај пријателка. Со текот на времето, претворете ги петте минути во 10, а потоа во 15. Ова ќе му помогне да се приспособи на градинката и времето поминато таму.

Вклучете ги

Дел од приспособувањето на градинката и јаслите е и вклучувањето на најмалите во подготвителниот процес. Изберете ранец заедно, ставете ја целата потребна облека во него, изберете чевли и шишенце заедно.

Ѕиркајте

Одолејте на нагонот да ѕиркате во собата откако ќе го оставите малечкото. Ѕирнете непосредно пред да го земете. Тогаш ќе го видите во вистинските околности, како игра или јаде, а не наутро кога детето е тажно поради вашето заминување.

Разговарајте

Иако не можат да разговараат со нас, тоа не значи дека не слушаат и не разбираат. Кажете му на малечкото дека ќе оди во градинка, објаснете му, позајмете му книга во која пишува за градинка…Адаптацијата на градинката започнува од дома.

Изберете предмет за утеха

Некои деца имаат цуцла, некои ги имаат своите сакани кадифени животни, некои немаат ништо. Сепак, можеби ќе им биде полесно на децата доколку во градинката ја донесат омилената играчка која ќе ги потсетува на домот.

Ослободете се од вината

Ништо нема да биде толку лошо за вашата самодоверба како вината што ја чувствувате затоа што сте оставиле расплакано дете. Но, не брзајте. Одвојте доволно време за да одите во градинка, ако може, оставете го детето само да се прошета низ дворот, прегрнете го, бакнувајте го, опишете што правите, често споменувајте дека го чекаат тетките и другарчињата во градинката.

Одвојте време

Како и при пристигнувањето, одвојте време пред да заминете. Малечките се присутни околу 8 часа во градинка и ако брзате да си одите, можеби нема да сакаат да си одат затоа што не ја поврзале целата ситуација во нивните глави. Како и при пристигнувањето, бидете расположени, оставете ги да се прошетаат и да ви покажат што прават, покажете интерес…

Поврзете се

Не брзајте дома, одвојте време за прегратка, малку утеха, бакнежи, што и да ви е потребно за вие и детето полесно да го продолжите денот.

Извор



912

X