Некои деца полесно се одгледуваат и воспитуваат, додека други се потешки. Зависи од детето, но зависи и од родителите. Токму затоа треба да го приспособите вашиот стил на родителство и на себе и на вашето дете.
Дали некој ви кажал дека вашето дете ве мота „околу малиот прст“? Дали ви рекле дека не можете секогаш да му дозволите да го добие она што го сака? Понекогаш се работи за солење памет. Но, понекогаш можеби треба малку подобро и повнимателно да размислите за тоа што ви го кажуваат, особено ако се работи за некој на кој му верувате.
Можеби вашето дете е едно од оние тврдоглави деца со кои треба да заземете поцврст став и да внимавате на секој чекор. И таа тврдоглавост не мора да биде ништо лошо, таа еден ден всушност може да му помогне на детето на неговиот пат низ животот. Сепак, таа силна волја на вашето дете може да ви даде некои не толку пријатни моменти, особено подоцна во претпубертетот и пубертетот. Воспитувањето треба да го приспособите на такво дете и тогаш сите ќе имаат корист.
Овие принципи треба да ги следите за подобро да го воспитате вашето тврдоглаво дете.
Покажете еднаква или поголема упорност
Најтешко е првиот пат кога ќе слушнете решително и пркосно „НЕ“ од устата на вашето дете. Од тој првпат важно е да покажете дека нема да се откажете од вашите „барања“. Ако му кажете на вашето дете да ги собере чорапите од подот и да ги стави во машината за перење, а тоа пркосно ги прекрстува рацете и вели „не“, тогаш е време да не се откажете од тоа што го барате. Во зависност од ситуацијата, останете смирени и упорни и следете го детето каде и да оди и повторувајте го барањето; скратете некоја привилегија; покажете дека нема да се откажете. Останете смирени и цврсти.
Дисциплина
Последицата на ситуацијата мора да биде онака како што сте ја кажале, секојпат. Кога еднаш детето ќе почувствува одредена последица, а вториот пат за истото се насмевнува и ве разнежнува, тоа не смее да се случи. Празните закани го уништуваат вашиот успех. Ако постојано му попуштате на тврдоглавото дете или го разгалувате со тоа што секогаш попуштате пред неговите барања, вие создавате поединец кој нема да знае како да се справи со животот. Вештините за справување се важни за самодовербата и успехот додека децата растат.

Не менувајте ги одлуките со попуштање поради замор
Која мајка не е уморна на крајот од денот? Ако постои правило кое мора да се почитува, тогаш применете го дури и кога сте најуморни. Ако нема читање по 20 или 21 часот, тогаш нека важи тоа секогаш. Дури и ако видите како детето пали светло, а вие навистина не сакате да се карате. Останете смирени и само следете ги вашите правила. На детето со силна волја му треба родител со доволно авторитет и посветеност за да му помогне да научи за последиците и самоконтролата.
Почитувајте се себеси и очекувајте вашите деца да го сторат истото
Мајката на тврдоглаво дете треба да очекува почит. Ако вашето дете ви ја тресне вратата, вие отворете ја. Ако попуштите еднаш, следниот пат тоа попуштање ќе ви се одбие од главата. Другпат детето ќе оди чекор понатаму. Вие имате авторитет и моќ, а не вашето дете. Важно е вашето дете со силна волја да си го знае местото.
Одговорете на предизвикот и бидете родител каков што му треба на вашето дете
Кога детето ќе го прекрши вашиот договор, мора да ја почувствува последицата, односно да му се скрати некоја привилегија. Некогаш можеби мислите дека сте премногу строги, дека треба да бидете поблаги, но понекогаш едноставно треба да истраете и да не попуштите на волјата на вашето дете. Потребна е енергија, упорност и посветеност за да се подигне дете со силна волја.
Размислувајте долгорочно и погледнете ја пошироката слика
Вашето тврдоглаво или со силна волја дете постојано работи да го добие она што го сака борејќи се со вас на секој чекор. Сепак, треба да се гледа напред и да се види пошироката слика. За 10 години вашето дете ќе биде поголемо и посилно. Сега тоа мора да научи сè за самоконтролата. Инаетот не е лоша работа. Можеби сега ќе ви биде тешко, но ако можете да го научите вашето дете на вештините што му се потребни за да ја контролира својата волја, тоа ќе може добро да ја искористи во иднина во високото образование или на работа.