За децата, морето не е само забавно, туку има и многу добри здравствени ефекти. Престојот на море помага при респираторни тегоби, кожни проблеми, некои видови воспаленија на ушите…
Кога ќе дојде летото, многу родители го поставуваат истото прашање – дали за детето е подобар одмор на море или на планина? Вистината е дека двете дестинации имаат многу предности, но морето им е омилен избор на повеќето дечиња. Освен уживањето во играта на плажа, престојот на море може да има многу здравствени придобивки за децата, но постојат и ситуации кога е потребна дополнителна претпазливост.
Италијанскиот педијатар д-р Анџела Питари, членка на Италијанската федерација на педијатри, објаснува кога морето навистина му помага на детското здравје и на што родителите треба да внимаваат.
Морето им помага на децата со респираторни тегоби
Престојот на море им се препорачува на децата што често имаат проблеми со дишните патишта. -Морската вода, благодарение на својот состав, е природен хипертоничен раствор, многу сличен на оние што се користат во спрејовите за затнат нос, кивавица или воспаление на грлото – објаснува д-р Питари.
Еднакво благотворен е и морскиот воздух, кој е богат со јод. Тој има антибактериско и противвоспалително дејство и позитивно влијае врз целиот респираторен систем.
Контролираното изложување на сонце го поттикнува и создавањето на витамин Д, кој е важен не само за правилен развој на коските и мускулите, туку и за зајакнување на имунитетот.
Бебињата помали од шест месеци не смеат да престојуваат на директно сонце
Кај најмладите е потребна посебна претпазливост. Бебињата помали од шест месеци не треба да се изложуваат на директни сончеви зраци, а треба да се води сметка и за хигиената бидејќи топлината, песокот, потта и крпите можат да станат места за размножување на бактериите.
Морето не е корисно само во лето
Иако повеќето семејства одат на море во текот на летото, експертите истакнуваат дека пролетта и есента се идеални за престој на море кога станува збор за здравјето на дишните патишта. Во тие периоди морето често е побрановито, па во воздухот се наоѓаат повеќе ситни капки богати со јод кои ја навлажнуваат слузокожата на дишните патишта, го разредуваат секретот и го олеснуваат дишењето.