Ништо не освежува толку добро во текот на жешкиот летен ден како студено парче лубеница.

Иако многумина мислат дека лубеницата е овошје, всушност, таа е зеленчук кој е во сродство со краставицата, тиквицата и дињата зашто спаѓа во истата фамилија Cucurbitaceae. Содржи дури 92 отсто вода и е многу повеќе од обично летно освежување. Имено, во оние преостанати 8 отсто се крие изобилство од нутритиенти и антиоксиданти.

Исто како и доматите, за својата интензивна црвена боја лубеницата може да ѝ се заблагодари на состојката ликопен. Станува збор за моќен каротен кој спречува оштетување на клетките. Исто така, лубеницата спаѓа во алкалните намирници, а тоа е една од нејзините многубројни предности за здравјето.

Количеството лубеница што детето треба да го внесе во текот на денот варира од возраста. Препорачаната количина, според експертите, е од 200 грама за најмладите до 400 грама за адолесцентите.

Придобивки од лубеницата:

1. Го зајакнува срцето

Лубеницата го зголемува нивото на калиум и магнезиум во организмот, а со тоа се нормализира крвниот притисок и се намалува ризикот од срцев и мозочен удар. Ова овошје има силни противвоспалителни својства и придонесува за здравје и еластичност на крвните садови. За здраво и силно срце помага и ликопенот, со кој изобилува лубеницата. Истражувањата покажаа дека лубеницата брзо го подигнува имунитетот на лицата што долго време биле изложени на стрес. Исто така, со консумацијата на ова летна намирница ќе се забрза закрепнувањето по настинка или некоја друга болест.

2. Го намалува ризикот од рак, дијабетес и Алцхајмерова болест

Благодарение на витамините Ц и А, кои се силни антиоксиданти, лубеницата е ваш сојузник во борбата против ракот. Ликопенот од лубеницата докажано го намалува ризикот од рак на простата, рак на дојка, рак на дебелото црево…
Исто така, лубеницата изобилува и со специфичната состојка Л-цитрулин, која во организмот се претвора во Л-аргирин. Станува збор за есенцијална аминокиселина која е потребна за регулирање на глукозата. Благодарение на тоа, лицата што јадат лубеница имаат посилен имунолошки систем и помал ризик за добивање дијабетес. Витамините што се присутни во лубеницата го намалуваат ризикот за појава на артритис и Алцхајмерова болест.

3. Ги штити мускулите и зглобовите

Лубеница треба што почесто да јадат и децата-спортисти бидејќи помага при болки во мускулите и при истегнувања. Благодарение на изобилството на витаминот Ц, лубеницата го забрзува зараснувањето на раните и ги ублажува оштетувањата на зглобовите, лигаментите и тетивите, на кои спортистите се често изложени.

4. Го штити здравјето на очите

Бета-каротенот што го содржи лубеницата го штити видот. Имено, тој облик на витамин А игра важна улога во спречување на појавата на макуларна дегенерација, која ги погодува постарите лица и на крајот може да доведе и до слепило.



912

X