Доколку вашата ќерка има петнаесет години и сè уште не добила менструален циклус, најдобро би било да разговарате со доктор за можните причини, како и за начинот на лекување.

Обично девојчињата ја добиваат својата прва менструација кога имаат 12 или 13 години. Ова е знак дека женското тело созрева, за еден ден во иднина, доколку сака, жената да може да роди бебе.

До петнаесет години 98 проценти од девојчињата добиваат менструација, а доколку тоа не е случај, најдобро е да се разговара со гинеколог. Доколку вашата ќерка не добила менструација, докторот ќе ве праша за семејната историја на болести, дневните активности и ќе се потруди да ја открие причината за нејзиното одложување. Се разбира, причините не би требало да ве загрижуваат. Ова може да биде индикација дека детето има одредена здравствена состојба што би требало да се реши.

Семејна историја

Доколку мајката не добила менструација пред својата 15 година, големи се шансите и ќерката да не ја добие порано. Ова се покажува точно ако се покаже дека истата ситуација е и кај тетката на девојчето, бабата или некоја роднина. Девојчето би требало да добие менструација по 2 до 3 години откако градите ќе почнат да се развиваат и по 6 до 12 месеци од појавата на некој вид вагинален исцедок. Во некои семејства сите овие знаци можат да се појават подоцна, а некои доктори секако би сакале да исклучат и други причини за отсуството.

Намалена телесна тежина

Доколку детето има многу помалку килограми отколку што би требало да има, тоа може да влијае врз нивото на хормонот, а самото тоа и да ја спречи менструацијата. Ако телесната маса е 10 проценти помала од онаа што е здрава за нејзината висина, многу е веројатно дека ќе дојде до одложување. Токму затоа многу девојчиња што имаат нарушување во исхраната (анорексија, булимија) не добиваат менструација навреме.

Зголемена телесна тежина

Доколку девојчето е дебело, исто така постои можност појавата на менструацијата да се одолжи. За телото да  постави нормален месечен циклус, му треба здрава количина на масти. За дете што е високо 157 см, прекумерна тежина е ако има 70 кг.

Премногу вежбање

Создавањето голем физички притисок на телото може да ја одложи првата менструација. Ова може да се случи кај балерините или атлетичарите. На интензивните тренинзи се трошат премногу калории, што може да остави многу мала количина маснотии во телото.Притисокот од натпреварување може дополнително да го одложи добивањето.

Премногу стрес

Стресот може да влијае врз телото на многу начини, а една од можностите е и одложувањето на менструацијата. Ова се случува доколку детето постојано е под стрес, без разлика дали се работи за домашни задачи, семејни проблеми, напорни тренинзи или што било друго.

Лекови

Одредени видови лекови можат да ја одложат менструацијата, на пр., оние што го лекуваат ракот, високиот крвен притисок, алергии и депресии. Доколку вашето дете користи некои од овие лекови, докторот сигурно ќе ви ги укаже како фактор за одлагање.

Физички проблеми

Многу ретко се случува некои девојчиња да не се способни да добијат менструација поради обликот или други проблеми на вагината, јајчниците или матката. Докторот ќе забележи доколку ова се причините за отсуството на менструацијата.

Други здравствени проблеми

– Проблеми со хипоталамусот или хипофизата. Тие заедно ги контролираат хормоните во телото.
– Синдромот на полицистични јајници, кои доведуваат до хормонска нерамнотежа во телото.
– Генетски проблем, како што е Тарнеров синдром или синдром на андрогена нечуствителност.



912

X