Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 5,5 години и меѓу другарчињата во маалото тој е најмал, другите деца се на возраст од 8 до 12 години. Едно другарче (9 години) често доаѓа кај нас дома да си играат, но веќе двапати ги видов како прават вулгарни работи. Се соблекуваат и се допираат. Првиот пат разговарав со двајцата и им објаснив дека тоа не е убаво, дека е срамота и дека се мали. Но, мојот разговор немаше ефект, па повторно се случи истото. Овој пат разговарав со нив, меѓутоа, им пренесов и на родителите на другото дете. Јас со син ми разговарам, но навистина не можам да најдам начин како да му објаснам, ниту знам како правилно да постапам во оваа ситуација. Дали да му забранам да се дружи и да го повлечам од тоа друштво? Инаку, тој е мирно дете, оди во градинка, сака да си игра и да се дружи со децата, послушен е имаме убав однос. Навистина ми треба помош како да постапам во оваа ситуација, се чувствувам разочарана, тажна и бесна. Различни чувства во исто време.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, навистина не е лесно да се одговори на вашето прашање. Особено затоа што за психосексуалниот развој на децата воопшто не се разговара и сè уште е табу-тема за родителите, иако сме дел од култура на полиберално живеење. Затоа ви честитам на храброста да го поставите ова толку значајно прашање од позиција на загрижен возрасен. Не сум сигурна ни дека јас целосно ќе ви го дадам одговорот што ви е потребен, но ќе се обидам да ви пренесам некои аспекти значајни и од мојот професионален домен.

Вашето прашање носи една многу деликатна тема на која сите ние треба да размислуваме затоа што од тоа ни зависат процените, па и реакциите во однос на сексуалното однесување на децата.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Оваа сексуализирана игра што ја опишувате може да се гледа низ призмата на сексуална експлорација и љубопитство или низ призмата на сексуална експлоатација и манипулација. Сексуална експлорација е природен феномен на сексуалниот развој кај децата, која на почеток се појавува доста спонтано и не толку свесно. Преку оваа сексуална експлорација детето го запознава сопственото тело и неговите функции и е поврзано со циклусот на задоволството, кое детето го доживува најпрво во релација со мајката. На почетокот се појавува самоексплорација која подоцна преминува и во интерес за телото на другиот поради потреба за идентификација и припадност, преку интерес за телата на родителите, а потоа и на останатите. Сексуалноста, секако, се регулира културолошки и зависи од ставот кон сексуалноста и начинот како гледаме на психосексуалниот развој на децата. Така што, како родители можеме да го прифатиме како еден основен аспект од развојот на нашето дете, да го игнорираме и да не реагираме, или да гледаме на него со еден поморализаторски став и да сметаме дека е нешто од што детето треба да се срами.

Од друга страна, кога сексуализираната игра е намерна и создава принуда поради несоодветна и подоминантна позиција на свесна моќ, злоупотреба, поседува голем ризик од сексуално вознемирување и злоупотреба. Поинаква позиција може да значи и дека повозрасно дете го принудува помалото дете на одредено сексуализирано однесување, но сепак е потребно да се утврди дали намерата е свесна со цел да се констатира свесно вознемирување.

Според она што го објаснувате во однос на развојните разлики на децата кои си играат заедно и ја истражуваат таа сексуалност, станува збор за деца кои се во различни фази на психосексуалниот развој. Тоа може да значи дека играта, т.е. начинот на кој заемно ја манифестираат таа сексуалност, иако доаѓа од природни потреби поблиску да се запознаат со сензитивноста на телото, не соодветствува на развојните капацитети кај секој од нив.

Сексуалноста треба да се развива како која било друга одредница од развојот на детето, таа не може да се игнорира, и баш поради тоа што носи ризик да се стигматизира, потребно е да се обрне посебно внимание за да не се појават и вкоренат во развојот силното обвинување, срамот и разочарувањето. Замислете дека „нормалното“ во сексуалниот развој на вашето дете зависи од вашите реакции, колку интензивно и исплашено ќе изреагирате. Кoга станува збор за почеток на освестување на сексуалниот развој, секоја несоодветна и интензивна реакција од ваша страна или од околината може да создаде силни инхибиции кај детето. Поради тоа, потребни се посмирени реакции за да не се создаде тој ефект на самообвинување и презир. Кога се појавува силниот срам, тој е многу инхибиторен не само за психосексуалниот развој кај детето, туку и за другите аспекти на неговата социјалната пројавност, самодовербата и чувство на доверба во другите.

Вашиот син има само 5,5 години и нема да може да разбере кога му ги објаснувате последиците на однесувањето и кога сметате дека треба да знае како да реагира во таква ситуација. Затоа, потребно е нежно, суптилно, адекватно на возраста и разбирањето на детето, и со многу разбирање да му ги праќате пораките и да го воведете во потребните ограничувања во однос на ризичната ситуација. Вие како родители го регулирате тој однос и можете да го ограничите или да ги смените условите во кој се случува: на пример, можат да си играат, но не сами, или можете да одлучите да најдете посоодветно возрасно друштво за вашето дете, без да очекувате дека со еден муабет ќе се сфати ситуацијата, можете да изберете просторија која е видлива и за вас особено доколку се сомневате на одредено однесување и да не дозволувате лесно децата да се скријат.

Би можеле да го смените и контекстот на игра, во однос на возраста и да изберете деца кои се поблиски до возраста со вашето дете и да воведете поинакви игровни содржини кои ќе поттикнат поинакви релации кај детето.

Пожелно е двајцата родители поактивно да се вклучите во игра и комуникација со детето. Така би можеле со вашето дете да почнете да разговарате навремено и отворено за неговите прашања и дилеми поврзани со психосексуалниот развој, и како родители посоодветно да го запознаете користејќи адекватна книга на темата на безбедноста и интимноста на телото. Значајно е детето да знае како да препознае и да реагира кога се чувствува загрозено, што значи неадекватен контакт, како и кому детето да се обрати доколку се чувствува загрозено.

Потребно е ефективно и одговорно вклучување од ваша страна, но и од другите родители, секој на соодветен начин да му ги пренесе работите на сопственото дете. Често се случува и повозрасното дете да биде збунето, да не разбира целосно што се случува, или не го разбира процесот онака како што на возрасните им изгледа. Во тој случај, на овој чин треба да се гледа како на ненамерна и несоодветно изразена потреба за сексуална експлорација. Потребно е родителите да му кажат на повозрасното дете дека тој вид контакт не е соодветен и да му се објаснат што значи и кои последици можат да следуваат за него и за помалото дете доколку не пристапи со одговорност. Повторно односот треба да биде со многу разбирање и со почит на ранливата сексуалност кај детето, затоа што и тоа сè уште е во развој.

Сепак, доколку родителите на повозрасното дете не преземат одредена акција во однос на ова прашање, и детето е оставено само на себе, тогаш, потребно е вие јасно да го дефинирате контекстот на игра на вашето дете, што може да вклучи и целосно ограничување на контактот. Не преземајте ги едукацијата и разговорот со повозрасното дете затоа што тоа е одговорност на неговите родители.

Доколку сè уште се чувствувате збунети и ви е потребно постручно водство во разбирање на психосексуалниот развој на детето, во пронаоѓање соодветен начин да зборувате со вашето дете и во наоѓање соодветни одговори на неговите потреби и прашања поврзани со сексуалноста, потребно е да се консултирате со психолог кој ќе ве поддржи и ќе ве психоедуцира за целиот процес низ кој поминувате.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X