Дури и жените што на своите профили на „Инстаграм“ и на „Фејсбук“ ставаат слики од бебиња со пораки „Мамин мал ангел“ и на сите им раскажуваат дека нивното чедо никогаш не плаче, во момент на искреност може да кажат дека бебињата се ангелчиња само кога спијат. Ова особено важи за оние мајки што добро се сеќаваат на оној страшен период што почнува помеѓу 4. и 6. недела, а завршува на крајот од третиот месец, но некогаш може да потрае до петтиот. Се карактеризира со неутешно плачење што трае цел час, па дури и до 4 часа, а обично е во попладнињата, од 16 до 18 часот, кога е многу тешко да се смири бебето.
Навистина е тешко, но не и невозможно!

Експертите сè уште не утврдиле кој е прекинувачот што го активира пеколниот час, како што се нарекува оваа попладневна тура на плачење, но се претпоставува дека до тоа доведува комбинација од вишок стимулации, умор, глад и темпераментот. Ако ви е за утеха, низ оваа фаза поминуваат повеќето бебиња. Колку и да изгледа драматично, ќе помине, а вие само треба да се вооружите со трпение и да пробате да го смирите бебето според упатствата од експертите.

Подгответе се за тоа што следува

Штом ќе уочите дека вашето бебе влегло во оваа фаза, а тоа ќе го знаете по 2-3 дена, подгответе се за тоа што следува. За периодот од денот кога знаете дека ќе почне пеколниот час, не планирајте ништо, туку гледајте сè да завршите претходно.
Истуширајте се, ручајте, поиграјте со постарото дете… и откажете ги сите посети и дружења за да можете да се сконцентрирате на смирување на бебето. Верувајте, многу е полесно да го правите тоа со полн стомак и доколку поголемото дете ви е згрижено и најадено отколку ако ве чекаат 1.001 обврска.

Дајте му на бебето да цица

Можеби нема целосно да го реши проблемот, но доењето ќе помогне бебето да се смири. Но, најпрвин мора вие да се смирите. Повторувајте си дека бебето не е болно, дека е совршено добро и дека фазата на плачење брзо ќе помине. Дишете длабоко зашто и тоа го смирува бебето. Тоа треба да цица колку што сака затоа што тоа е доење за утеха.

Сите активности на минимум

Кога бебето ќе наполни еден месец, станува свесно за сите стимуланси од опкружувањето, а тие, здружени со други фактори, може да бидат прекинувачот за почеток на пеколниот час, кој може да трае четири пати подолго отколку што кажува името. Ако знаете во кое време приближно почнува, половина час пред тоа исклучете го телевизорот, затворете ги прозорците, тргнете ги музичките играчки…
Важно е да нема бучава, ни звук од миксер, ни ѕвонење на мобилниот, ни гласен разговор…

Направете пауза од 10 минути

Ситуацијата понекогаш може да ескалира ако ни еден од овие трикови не помогне, па тогаш вознемирената мајка е последната личност што може да го смири бебето. Тогаш сè е дозволено, па дури и да ѕвоните на вратата од соседите и да ги замолите да го подржат и понишаат бебето 10 минути. Секако, ова може да го направите доколку дома нема никој поблизок – сопругот, мајката, свекрвата, сестрата…, но суштината е во тоа дека ако му го дадете бебето на друг, се менува напнатоста меѓу вас и бебето.

И да повториме…
Сето тоа брзо ќе помине, па бебето повторно ќе биде мамин ангел…



912

X