Воспитувањето деца е едно од најсложените, но и најубавите искуства во животот. Родителите често се соочуваат со општествени очекувања, различни совети и митови кои ги обликуваат нивните верувања за родителството. Иако многу од овие митови може да доаѓаат со добри намери, некои од нив може да предизвикаат непотребна фрустрација и лажни очекувања.
Терапевтот Мика Стивенс неодамна сподели три токсични митови за родителство во објава на „Инстаграм“, за кои вели дека може да придонесат за појава на чувството на гнев кон вашите сопствени деца. Овие митови не само што ги оптоваруваат родителите, туку и негативно влијаат врз семејните односи.
Еве кои митови ги истакнува:
„Децата прават работи намерно за да ме налутат“
-Ако не им дадеме на децата доволно позитивно внимание, тие несвесно можат да прават работи за да привлечат негативно внимание. Но, тие не го прават тоа за да ве налутат – тие несвесно го бараат вашето внимание. Посветете им доволно позитивно внимание и тоа ќе се намали – вели Стивенс.
„На децата не им е грижа што ќе кажам“
Ако децата не слушаат, може да мислиме дека едноставно не се грижат за нашите желби и потреби. Тоа можеби е точно, но поверојатно е дека децата немаат контрола над импулсите повеќе отколку што ние тоа го сфаќаме, тврди терапевтот.
-Нивниот префронтален кортекс е далеку помалку развиен од нашиот и тие често не можат да го контролираат своето однесување. Потребен е одреден период за да пораснат и да добијат поголема контрола над нивните импулси – објаснил тој.
„Ако моите деца не ме почитуваат, тоа значи дека сум безвреден и дека не заслужувам почит“
-Причината поради која се чувствував толку повредено кога моите деца не ме слушаа беше затоа што тоа допре длабока рана од моето детство – чувство дека не сум достоен за почит или грижа. Ова е многу реална потреба, но не е одговорност на нашите деца кога се работи за задоволување на таа потреба, или пак на тоа тие да ги штитат нашите рани. Треба да работиме на сопственото заздравување за нашите деца да не нè вознемируваат и да не им ги пренесеме и ним тие рани – заклучил терапевтот.