Раното детство често се нарекува „магични години“. Имагинацијата на детето е во зенит, што може да биде возбудливо за родителите. Исто така, може да биде и фрустрирачки кога детето почнува повеќе вербално да се изразува, станува поподвижно и сака да биде независно.

Но, родителите честопати се среќаваат со реченицата: „Само почекајте“, фраза која ја добиваат од другите родители.

Една мајка на 3-годишно дете и на доенче добила премногу коментари од типот: „Уживај во ова време додека трае“. Сега, таа се прашува дали треба да биде загрижена, а не возбудена за она што е следно. На платформата „Редит“ ги прашала родителите на постарите деца за значењето на сето тоа.

„Мајки на постари деца, дали е вистина дека возраста на бебињата/малечките деца е најдобриот период и јас тажно и со носталгија ќе се потсетувам на тоа време?“, прашала мајката. „Ги сакам моите деца и знам дека има многу слатки работи во оваа фаза, но е и многу тешко…им треба постојана забава и грижа, а има и ограничување во однос на тоа што можат да го прават.

„Меѓутоа, секогаш кога ќе излезам надвор со нив, некоја жена ме запира на улица и ми вели дека треба да уживам во овој период додека трае бидејќи многу ќе ми недостига кога ќе пораснат и никогаш нема да биде подобро. Тоа ме прави навистина тажна, бидејќи ова е релативно кратка фаза и се надевав дека ќе има работи и понатаму на кои ќе се радувам, исто така“.

Таа ја завршила објавата со неколку прашања за родителите на постарите деца:

„Ова многу ме растажи, бидејќи мислам дека нема да се забавувам толку многу со нив кога ќе бидат постари. Дали сè уште ќе бидат слатки? Дали сè уште ќе ме сакаат и ќе сакаат да бидат со мене?“

Објавата имала речиси 400 коментари за еден ден.

Дали постарите деца се навистина потешки за воспитување?

„Тешко“ е релативен термин, но некои родители истакнуваат дека чувањето поголеми деца сигурно со себе носи и придобивки.

„Мислам… можеби ќе се намалат прегратките, но јас дефинитивно уживам во тоа што сами си го бришат задникот“, се пошегувал некој родител во коментар.

„Моментално го учам моето 4-годишно дете да си го избрише задникот, а вчера ми рече дека тоа му е досадно“, напишал некој родител. „Му реков дека треба да се справи со тоа затоа што ќе треба да го прави до крајот на животот… И мене ми беше досадно да ти го бришам задникот“.

„Ох, мајко, најдоброто допрва доаѓа“, напишал друг. „Моите деца имаат 12, 10 и 5 години. Иако ми недостигаат тие буцкасти детски лица и преслатки гласови, искрено ја сакав секоја фаза додека тие растеа – само од различни причини. Обожавам што се доволно стари за да водат прекрасни разговори, да споделуваат хобија и глупави филмови“.

Трет родител напишал: „Како што растат, тие се многу подобри во комуникацијата со вас, а вие можете да создадете поинаков тип на врска. Имаат свои мислења и можат да се вклучат во вистинска дебата. Тие имаат свои страсти“.

Престанете да им кажувате на родителите „Уживајте додека трае“

Немам постари деца, но луѓето кои зборуваат на тој начин треба да престанат. Коментарите беа особено деморализирачки за мене додека одгледував новороденче, во раните денови на пандемијата. Оттогаш зајакнав, но можам да се поврзам со тоа колку деморализирачко може да се чувствува која било друга мајка што го слуша ова.

Колку и да е тешко, јас се обидувам да се потсетам да останам присутна во моментот – не затоа што сето тоа е минливо, туку затоа што се случуваат слатки моменти кои сакам да ги впивам, наместо да се грижам за иднината која е и неизбежна и надвор од моја контрола.

Затоа, родители на мали деца, препуштете се на гушкањето. Потсетете се дека е во ред да не го „сакате секој момент“. И, додека сте во сето тоа како процес, потсетете се колку е будалест тој коментар за да не им го споменувате на други родители на малечки деца.

Автор: Бет Ен Мајер

Извор



912

X