Рејчел Гарлингхаус е авторка на неколку книги за родителство, новинарка и мајка на четири деца. Таа одлучи да ја сподели приказната со мајки кои бараат совет што да прават со болно дете и како да го лекуваат на групите на мајките на интернет.
– Моето дете повраќа цело попладне. Синоќа не спиеше ниту минута, а ниту јас. Сега има температура над 39 што воопшто не му спаѓа и покрај испиените лекови. Што да правам? Не, не барам совет. Јас само копирам објава објавена на група за мајки на социјалните медиуми.
Постојат десетици – да, десетици други објави што се неверојатно слични. Се појавуваат секој ден. Некои родители одат дотаму што објавуваат видеоснимка од нивното дете како дише тешко, како исипот се шири или како детето кашла без престан.
Јас сум мајка на четири деца и тука сум да ви дадам совет како мајка на мајка. Ако размислувате да им се придружите на мајките кои се обидуваат да дијагностицираат здравствени проблеми на детето преку интернет, немојте! Наместо ажурирање на објавите на илјадници непознати луѓе за здравјето на вашето дете, направете нешто друго. Нешто што има многу повеќе смисла.
Ако детето е болно, однесете го на лекар. Тоа е толку едноставно.

Сфаќам дека патувањето среде ноќ до болница е тешко и непријатно. Исто така, разбирам дека не е идеално или одлично да се помине саботното утро на болница, опкружена со други болни луѓе. Сочувствувам со сите родители што ги гушкаат нивните деца со температура во чекалницата на педијатарот – затоа што сите тие се мизерни. Но, непознатите луѓе во вашата онлајн група на мајки – дури и ако се работи за медицински сестри или доктори – не се таму за да го прегледаат вашето дете, да направат точна дијагноза и да кажат што треба да направите следно за да го излечите вашето дете.
Имам четири деца и се сметам за прилично искусна мајка. Лудувам секојпат кога ќе видам слика на дете како повраќа и со таа временска рамка колку пати повратило во период од еден час и конечно прашањето: „Колку крв е премногу?“
Моменталната болест на вашето дете може да биде вообичаена во овој период од годината. Ова е сезона на споделување бактерии, нели? Но, што ако не е? Што ако детето се бори против нешто многу посериозно и итно? Што ако отежнато дишење на детето е знак за пневмонија? Што ако летаргијата и жедта кај вашиот тинејџер е напад на дијабетес тип 1? Што ако невообичаениот исип и повраќање на вашиот син се предизвикани од стрептокока во грло – и му требаат антибиотици?

Се обидувам да ви објаснам дека најпрофесионалната личност што му поставува дијагноза и го третира вашето дете е вистинскиот доктор, а не родителите што никогаш не сте ги виделе и нема да ги видите. Одете кај лице со урамена медицинска диплома на ѕид и способност да напише рецепт. Не препуштајте им се на мајките кои се обидуваат да ви продадат етерични масла во момент на исцрпеност. Секојпат кога читам серија одговори на очаен родител на болно дете, почнувам да се прашувам дали сум во друг универзум. Многу совети што ги добиваат родителите се смешни, и ги молам мајките или татковците да бидат доволно паметни да не ги следат.
Детето покриено со мистериозен исип веројатно не треба да биде подложено на бања со мраз – како што сугерира бабата на три деца – бидејќи таа така се породила и нејзините деца се добро. Се разбира, јас сум за здрава исхрана, свеж воздух, пробиотици, хиропрактична нега и други природни планови за третман – ако и кога имаат смисла. Но, како може да се лекува болеста без точна дијагноза?
Знам – звучи нереално, нели? Но, секој што е во онлајн групите на мајките знае дека не се шегувам. Останавме ние, практичните, искусни родители кои едноставно одговараат: „Однесете го детето на лекар што е можно поскоро.“
Не тврдам дека секоја температура, исип, сува кашлица или дијареа бара одење на педијатар. Се разбира не. Но, ако вашето дете има висока температура, летаргично е, покриено е со мистериозен исип или дури не може да оди – завиткајте го в ќебе и одете на лекар. Не трошете време за сликање или видеа и запишување детални описи за да ги објавите во вашата омилена група на мајките.
Потрошете ја енергијата за грижа за вашето дете. Бидете одговорна возрасна личност. Подоцна ќе имате доста време за групен чет со мајките.