Да се има преголема количина млеко за доење би претставувало „добар“ проблем за многу нови мајки, но во реалноста тоа може да биде непријатно и за мајката и за бебето. Во ретки ситуации може да биде и опасно. Една мајка во 2017 година, во САД, на фејсбук-групата „Разговори на мајки-доилки“ (Breastfeeding Mama Talk), го споделила нејзиното искуство кога повикувала итна помош бидејќи нејзиното бебе се давело со млекото што го цицало.

„Бебето почна да посинува и навистина помислив дека ќе го изгубам. Очигледно вакво нешто може да им се случи на бебињата и е многу почеста појава отколку што мислев. Особено ако произведувате поголема количина млеко“, напишала мајката Ребека Тејлор.

За среќа, нејзиното бебе било добро, но нејзината приказна ја отвора темата за проблемите што се јавуваат при доење, а за кои мајките треба да бидат свесни.

– По 25 години работа со бебиња, сум видела многу мајки што лачат преголемо количество млеко, поради што може да дојде до давење на бебињата. Некои жени го имаат таканаречениот рефлекс на прекумерна лактација, што значи дека млекото истекува од нивното тело на многу силен начин – смета консултантот за лактација Сара Силверстејн.

Таа појаснила што е тоа рефлекс на прекумерна лактација и дала совети како мајките да се справат со пресилното лачење.

Што е тоа рефлекс на прекумерна лактација?

Се работи за истекување на млекото од градите. Тоа е рефлекс кој се создава кога нервите во вашите гради се стимулирани (обично со усните на бебето), па се ослободува хормонот окситоцин, кој ги поттикнува клетките на ситните мускули да контрахираат. Потоа тие испуштаат млеко во каналите. Времето на исфрлање варира од жена до жена, а понекогаш од хранење до хранење, но во просек помеѓу неколку секунди и неколку минути.

Рефлексот на прекумерна лактација е знак дека бебето ќе добие доволно млеко. Може да биде активиран дури и со сексуален контакт и психолошки фактори. На пример, кога подолго време сте доеле, може да забележите дека плачот на бебето предизвикува нова количина на млеко.

Повеќето мајки го опишуваат истекувањето на млекото како некое скокоткање или боцкање во градите, кое се случува набрзо по породувањето, а понекогаш и по неколку недели. Обично се јавува во двете дојки истовремено, така што сосема е нормално да капне млеко од едната дојка додека на другата го доите бебето.

Како да се справите со пресилното лачење на млекото?

Доколку вашето бебе се дави, се задушува или кашла на самиот почеток од хранењето, или пак ја стега брадавицата надолу, тоа може да значи дека добива вишок млеко и тоа премногу брзо. Погледнете како можете да влијаете врз тоа:

– Намалете со резервите

Наглото истекување на млекото често доаѓа заедно со преголема количина на млеко, па така тоа е најдобар начин да ги намалите резервите што ги создавате. „Кога мајката дои, на пример, на десната страна, може со дланката од левата рака да ја притисне левата брадавица кон ребрата и да изброи до пет“, вели Сара. Овој притисок треба да се повтори двапати во текот на доењето и на тој начин ќе му дадете сигнал на телото да не исфрла млеко.

– Дојте само на едната страна

„Од мое искуство сфатив дека ова е одлична метода“, додала таа. Тогаш сте сигурни дека дојката целосно ќе се испразни, истекувањето на млекото ќе се забави и бебето ќе ги добие сите масти што му помагаат да биде сито. Периодичното доење е стратегија која предлага користење на едната дојка во период од најмалку неколку часа, за да се намалат резервите во другата дојка пред да се премине на наредниот период.

– Проверете дали бебето добро ја фатило брадавицата

„Бебињата што се дават често не ја фатиле добро брадавицата. Млекото би требало да оди директно во грлото на бебето, а ако бебето не ја фатило брадавицата како што треба, поголема количина млеко ќе му остане во устата, па доаѓа до давење“, вели Сара.

– Менувајте ја позицијата

Ако го исправите бебето, гравитацијата ќе работи против истекувањето на млекото. Доењето додека лежите на грб, со бебето на гради, исто така го забавува истекувањето на млекото. Лежењето настрана додека доите помага вишокот млеко да излезе од устата на бебето, па со самото тоа го спречувате давењето. Во која било положба и да се наоѓате, кога ќе почувствувате пресилно истекување на млеко, можете да го тргнете бебето (да подготвите пешкир) и повторно да го вратите кога истекувањето на млекото малку ќе забави.

– Побарајте помош од експерт

Обратете се кај експерт кој ќе ви помогне да ја одберете најдобрата стратегија за решавање на овој проблем.

„Доколку го имате овој проблем, немојте да кревате паника. Сум сретнала многу вакви случаи. Ниедно бебе немало потреба да биде испратено во болница“, вели Сара.

Автор: Тина Донвито



912

X