– Некои родители ги препознаваат знаците што покажуваат на нарушување од аутистичкиот спектар додека бебето е на возраст од 6 до 12 месеци, а дури и порано – вели д-р Томас Фрејзер, клинички психолог, истражувач на аутизмот од САД. Тој ги открива првите знаци на аутизам кај бебињата и зошто брзата дијагностика е клучна за третирање на оваа состојба.

Аутизмот е комплексно развојно нарушување што влијае врз социјалните вештини како што се игра, учење и комуникација. Индивидуалните случаи на аутизам се поделени во спектарот од благ до тежок. Лекарите не знаат што точно предизвикува нарушување од спектарот на аутизмот, но се верува дека тоа е комбинација на еколошки и генски фактори.

Знаци на аутизам кај бебиња

Д-р Фрејзер тврди дека некои родители можат да ги препознаат знаците на аутизам кога нивното дете има од 6 до 12 месеци, во зависност од симптомите и нивната сериозност.

– Обрнете внимание на тоа дали детето реагира на социјалните информации и околината. Во текот на првата година од животот бебињата почнуваат да разговараат и користат гестови, како покажувањето –  вели д-р Фрејзер, додавајќи дека бебињата исто така почнуваат да им се смеат на своите родители и се обидуваат да комуницираат со нив. Бебињата со аутизам понекогаш не успеваат да комуницираат преку звуци или гестови и не реагираат на социјалните стимули.

Според Центрите за контрола и превенција на болести, ова се уште некои симптоми на аутизам во првата година од животот:

До 3 месеци

Не ги следи предметите со очите додека се движат.

– Бебето со висок ризик од аутизам не ги следи родителите додека се движат во нивното видно поле. Можеби повеќе ги интригира нешто како што е ќебето – вели д-р Фрејзер.

– Не реагираат на гласни звуци;
– Не фаќаат и не ги зграпчуваат предметите;
– Не им се смеат на луѓето;
– Не мрморат;
– Не обрнуваат внимание на новите лица;

До 7 месеци:

– Не ја вртат главата за да откријат од каде доаѓаат звуците;
– Не покажуваат љубов;
– Не се смеат;
– Не посегнуваат по предмети;
– Не се обидуваат да привлечат внимание;
– Не сакаат да играат криенка (покривање на очите со рацете)

До 12 месеци

– Не ползат;
– Не кажуваат ниту еден збор;
– Не користат гестови како што се мавтање или тресење со главата;
– Не покажуваат со прст кон предмети или слики;
– Не можат да стојат ни со помош;

Важно е да се напомене дека овие критериуми не се убедливи докази за аутизам.

– Овие се едноставни работи што ги бараме за да утврдиме дали треба дополнително да го процениме бебето – вели Манди Силверман, директор на Центарот за аутизам.

Што ако моето дете има аутизам?

Ако вашето дете покажува знаци на аутизам, д-р Фрејзер советува да закажете средба со вашиот педијатар. Ќе разговарате за развојни проблеми, а вашиот лекар ќе го прегледа вашето дете.

– Имаме докази што посочуваат дека колку побрзо се дијагностицира аутизмот, толку побрзо ќе се почне со интервенции во развојот и во однесувањето – вели д-р Фрејзер.

Раната интервенција значи да му помогнете на бебето да се справи со симптомите на аутизам и можеби дури и да направи пресврт. Како што расте вашето дете, интервенцијата може да вклучува говорна терапија, работна терапија, советување за ментално здравје и што било друго за што експертите веруваат дека ќе му помогне на вашето дете да напредува.

– Крајната цел е да се олеснат симптомите и да му се подобри животот на детето што е можно повеќе – вели Силверман.

Автор: Никол Харис

Извор



912

X