Новите времиња донесоа со себе малку поразлично работно време. Додека порано родителите обично завршуваа со работа до 14 или 15 часот, денес тоа е вистинска реткост. Повеќето родители се среќни ако успеат да излезат од работа пред 17 часот, често работат за викендите, а ако работите во трговија, вие сте на работа и за време на празниците и неделите. Тие моменти претходно биле резервирани за семејството, а сега често ги поминувате со колегите во работната средина.
Мајките имаат среќа да имаат можност да поминуваат квалитетно време со своето дете барем за време на породилното отсуство. Она што се воведува како промена во некои земји е и татковците да одат на породилно отсуство откако детето ќе наполни шест месеци. Но, тоа најчесто се случува со цел семејствата да си олеснат на финансиски план, доколку таткото има помала плата.
Проблемот не е само минувањето премногу време на работа, туку и однесувањето по враќањето од работа. Кога семејството конечно ќе се собере вечерта, по напорниот работен ден, честопати по прекувремена работа, родителите некако се обидуваат да им го надоместат на децата сето она што го пропуштаат во нивното растење. Ова понекогаш се случува сосема несвесно и секако не е добар начин да се постават добри основи во воспитувањето на детето.
Кога родителите се враќаат дома, тие често се препуштаат на желбите и барањата на нивните деца, чувствувајќи се виновни за нивното отсуство во текот на денот.
Научете го детето на истите критериуми од самиот почеток, да биде одговорно, не попуштајте под притисок, бидејќи така кај децата нема да се развие чувство за одговорност и доследност.
Повременото наградување на детето не е лошо. Но, купувањето на љубовта на вашето дете со скапи подароци, порано или подоцна ќе влијае врз однесувањето на вашето дете, што сигурно нема да ви се допадне. Наместо поткуп, важно е да се воспостави квалитетен однос со детето. Довербата, одговорноста и секогаш добредојдената доза на добра забава се добри основи.

Не е најдобар избор да се биде и премногу строг родител бидејќи така тешко ќе ја стекнете довербата на детето. Сепак, целосно пријателски пристап нема да му даде на детето до знаење дека некои граници навистина постојат.
Премногу време поминато на работа прави повеќето родители да се чувствуваат виновни и затоа на своите деца им даваат сѐ повеќе и повеќе, а помалку бараат од нив. Ваквиот пристап е погрешен и без оглед на тоа што сте отсутни поголем дел од денот, токму затоа треба да го искористите најдобро она време што ви останува, за да го поминете во дружба со семејството.