Секој родител го сака само најдоброто за своето дете. Затоа, родителите често ги запишуваат своите деца на безброј различни активности, од спорт и свирење на инструмент до балет и многу други, за кои родителите мислат дека ќе ги забавуваат. Прашањето е колку е тоа добро за децата?

Иако времето на децата е внимателно испланирано, календарот им е преполн, а слободно време едвај имаат. Покрај тоа, нивниот животен простор е преполн со книги, играчки и други содржини кои според експертите, можат да им нанесат повеќе штета отколку корист.

– Многу од денешните проблеми во однесувањето доаѓаат од тоа што децата имаат премногу работи и живеат пребрзо – објаснува педагогот Ким Џон Пејн, додавајќи дека современиот начин на воспитување на децата води до потенцијални психолошки проблеми, од кои најчесто е нарушувањето на хиперактивноста со недостиг на внимание или АДХД.

Тој вели дека многу деца доживуваат преоптоварување на сетилата бидејќи се опкружени со премногу детали, избори и информации, а со едноставен пристап родителите можат значително да го намалат секојдневниот стрес на детето, што на крајот води до посреќни и поуспешни деца.

– На децата им треба време да станат тоа што се, преку игра и социјална интеракција. Ако го преплавите детето со работи пред да биде подготвено, само ќе сака уште повеќе – додава педагогот, кој смета дека најлесниот начин да му го поедноставите животот на вашето дете е да направите промени во домашната средина.

Тој продолжува и објаснува дека како што ја намалувате количината на играчки и нередот во домот, го зголемувате распонот на вниманието на детето, како и неговиот капацитет за подобра, подлабока игра.

– Премногу работи доведуваат до премалку време и премала длабочина во начинот на кој децата ги гледаат и истражуваат своите светови, што, меѓу другото, негативно влијае врз нивната психичка состојба – заклучува педагогот.

Извор



912

X