Секој родител сака да има здраво и среќно дете, а предуслов за здравјето на детето е дефинитивно здравата исхрана. Лошата исхрана може да има негативни последици врз растот и развојот, спречувањето болести и нарушувања, а може да доведе до доцнење на пубертетскиот развој, како и да влијае врз расположението. Денес знаеме дека лошата исхрана на рана возраст има последици врз здравјето во зрелата возраст.

Со правилна исхрана и усвојување здрави навики го спречуваме детето да заболи од хронични заболувања, дебелина, висок крвен притисок, болести на срцето и крвните садови, дијабетес, остеопороза и многу други болести во зрелата возраст. Затоа, здравата и балансирана исхрана е исклучително важна. Здравите оброци за децата, пред сè, треба да бидат разновидни, што значи дека децата треба да јадат житарици, месо, јајца, риба, јаткасти плодови, семки, мешунки, овошје и зеленчук, млечни производи и храна која содржи масти и масла. Секако, исхраната ја приспособуваме на возраста на детето.

Исхраната треба да биде избалансирана, што значи дека во секој оброк мора да бидат застапени протеините, јаглехидратите и мастите. Важно е детето да јаде умерено, односно да внесува калории според потрошувачката. Редовната исхрана е исто така еден од постулатите до кои треба да се придржувате. Сите овие правила понекогаш им задаваат главоболка на родителите, доколку нивното малечко одбива да јаде овошје и зеленчук и го јаде само она што го сака. Малите деца понекогаш знаат да бидат многу пребирливи, а доколку сакате да избегнете расправија на трпезата, еве неколку совети и трикови кои можете да ги искористите.

Планирањето и приспособувањето на оброците се клучни

Развивањето на вештината за планирање и подготовката на оброците не се разликува од развивањето на која било друга вештина. Погрижете се оброкот да има барем еден вид храна што ја сака детето, односно: изберете го главното јадење, додајте една намирница што ја сака детето и една здрава намирница. Секогаш фалете го вашето дете кога јаде јадење што не му се допаѓа.

Направете неделно мени за децата и вклучете ги во неговото креирање. Храната не треба да биде средство за награда или казна, туку е таму за да ги обезбеди хранливите материи потребни за растот и развојот на детето. Децата се визуелни типови, сакаат шарени бои и интересни форми. Направете им го оброкот токму таков.

Играјте додека подготвувате сендвичи, исечете парчиња компир во форма на срца, крукчиња и слично… Побарајте ги сите креативни идеи на интернет и направете го оброкот забавен и интересен. Пирето можете да го обликувате во топчиња, а зеленчукот да го исечете на ленти. Направете сè за да ѝ дадете на храната форма која ќе биде многу попривлечна за детето. Многу ќе помогне и ако купувате храна со вашето дете и му дозволите да ги избере намирниците.

Подучувајте го вашето дете, но и поврзете ја храната со работите што детето ги сака

Детето впива како сунѓер, затоа едуцирајте го за значењето на здравата исхрана. Кажувајте му приказни за исхраната, објаснете му зошто е важно да се храни здраво и кажете му како функционира дигестивниот систем. Децата се способни да ги разберат основните принципи на правилната исхрана доколку пристапот е доволно приспособен и достапен за нивната возраст. Децата се љубопитни и ќе сакаат да разберат како функционираат работите. Слободно користете трикови. На пример, поврзете ја храната со нивните омилени ликови од цртаните филмови или сликовниците (Снежана имаше долга и сјајна коса затоа што јадеше грашок, Попај јадеше спанаќ за да биде силен итн.)

Бидете пример за нив

Д-р Џули Менела од Центарот „Монел“ во Филаделфија вели дека нивното истражување покажува оти децата чии мајки јадат многу овошје и зеленчук за време на бременоста и доењето ќе бидат поотворени за испробување здрава храна.

„Децата треба да се научат на нови вкусови, па затоа треба да се навикнат на вкусот на овошјето и зеленчукот, а добрата вест е дека бебињата можат многу рано да се навикнат на здравата храна“, вели д-р Менела. Навикнете ги децата на здрава храна, но и бидете пример. Не можеме да очекуваме од детето да се храни здраво ако прехранбените навики на родителите се ограничени на брза храна. Детето ги имитира родителите, па ако ние јадеме зеленчук и овошје, и детето ќе го сака истото. Не користете го телевизорот како средство за одвлекување на вниманието додека вашето дете јаде. Така ќе престане да биде свесно за храната што ја јаде и нема да обрнува внимание на знаците на телото кои му сигнализираат дека е сито.

Направете здрава храна која е лесно достапна за децата. Кога ќе го отворите фрижидерот, важно е состојките внатре да бидат здрави и да имаат хранлива вредност. Ова ќе го олесни создавањето здрав оброк. Користете уште еден трик кога подготвувате оброк за вашето малечко за училиште, патување или некоја активност. Дали забележавте дека брзата храна е секогаш убаво спакувана, весела и привлечна? Нека биде таква и кутијата за ручек што ја подготвувате за вашето дете. Доволна е шарена и весела салфетка, со анимиран лик од цртан филм кој му се допаѓа на детето.

И на крајот, вежбајте трпение. Кога воведувате нови јадења и вкусови, потребно е време за детето да ги прифати. Важно е да не се откажувате.

Извор



912

X