Предвреме родено бебе успеа да закрепне благодарение на нераскинливата врска со неговото братче близнак – па сега повторно се обедините.
Отис Грејвс бил роден прерано и тежел само 1.500 грама, но животот на неговиот брат висел на конец бидејќи тежел само 481 грам.
По шест недели Отис бил пуштен од болница и сега тежи 2 килограма и 800 грама, но малиот Честер и понатаму се бори за животот и тежи само 1 килограм и 500 грама.
Родителите Кели и Били Грејвс од Бенфлит, Есекс, велат дека не се сомневаат дека неверојатната борба за опстанок на Честер се должи на врската што тој ја има со неговиот идентичен близнак Отис.
– Се бориме уште од денот кога во 28. недела ми пукна воденикот. Имаме среќа што Честер е борец и покрај сѐ што преживеа, се бори за да биде со своето семејство. И понатаму е во инкубатор и се чува со висок проток на кислород, откако беше префрлен во нашата локална болница во Саутенд – вели неговата мајка.
Здравствените проблеми на Честер првпат биле забележани на скринингот во 16. недела, кога мајката била информирана дека бебињата се разликуваат по големина за 25 отсто – нешто што ги загрижило лекарите. Разликата во големината се должела на состојба наречена селективно интраутерино ограничување на растот, што резултирало Честер да не добива хранливи материи од плацентата, па така неговиот раст запрел. Во 19. недела мајката имала ласерски хируршки третман.
– Беше изведена операција за да се одделат бебињата во утробата, во случај ако Честер не преживее, да се заштити Отис да не умре или да не остане со трајно оштетување на мозокот. По операцијата, Честер растел само околу 25 грама неделно, додека Отис растел околу 100 грама неделно.
– На секој скрининг ми велеа дека можеби нема да преживее, а тоа ми го кршеше срцето – вели мајката.
Состојбата на Честер се стабилизирала, но во 28. недела на Кели ѝ пукнал воденикот и морала да се породи.
Близнаците конечно се сретнале по нивното раѓање, а нивната средба била доста емотивна.
– Иако Отис спиеше, Честер беше опседнат со него и не можеше да ги тргне очите од својот брат. Не се сомневам дека гушкањето со братчето му помогна да продолжи да се бори – вели мајката.