Се наближуваат сè посончеви и потопли денови, па многу родители ќе ги извадат велосипедите од гаражите. Истовремено, педијатрите се надеваат дека ќе сфатат колку се важни кацигите за безбедноста на нивните деца.

Според истражување што го спровела детската болница „Ч.С. Монт“ во Америка, повеќе од 60 отсто од родителите на деца на возраст од 4 до 13 години велат дека нивните деца носат кацига кога возат велосипед, додека 18 отсто од нив тврдат дека нивото дете никогаш не носи.

Тоа всушност значи дека едно од пет деца никогаш не носи кацига, а за возење скејтборд ќе ја изберат само 42 отсто од децата.

Педијатарот Фрес Хес смета дека тоа се загрижувачки податоци, па на својата фејсбук-страница објавила фотографија од велосипедска кацига од дете што имало сообраќајна несреќа, а благодарение на кацигата, не си ја повредило главата.

– На педијатрискиот ургентен оддел често гледам деца со трауми на главата по паѓање од велосипед. Некои од тие деца ги удрил автомобил, но многу се здобиле со повредите откако изгубиле контрола над велосипедот во текот на возењето. Во такви ситуации кацигите можат значително да придонесат за разликата помеѓу благ потрес на мозокот и тешки невролошки повреди, па дури и смрт – предупредува д-р Хес.

Нејзината фотографија ја споделиле многу корисници на оваа мрежа, а целта на докторката била да се освестат родителите за значењето на кацигата.

Според Универзитетот на Мичиген, повеќе од 600 деца секојдневно завршуваат на брза помош поради повреди здобиени во текот на возењето велосипед. Момчињата на возраст од 10 до 14 години се под најголем ризик.

– Незгода може да му се случи секому, дури и ако мислите дека сте искусен возач на велосипед. Може да налетате на камен или да ви истрча куче пред вас, а кога ќе се случи тоа, ќе сакате да имате кацига на главата – вели д-р Бетани Фолсом и ги советува родителите уште од најмала возраст да ги научат децата да носат кацига.

Важно е да имате на ум дека кацигата мора да стои цврсто и да го покрива челото, а и помеѓу брадата и заштитниот ремен не смее да има повеќе место од еден-два прста, велат стручњаците.



912

X