Здравје

Предупредување до родителите: Солариумите се сè попопуларни кај децата од основно училиште

Како родители, сите сакаме нашите деца да растат здрави, безбедни и свесни за опасностите со кои може да се соочат. Сепак, и покрај законската забрана и сериозните предупредувања од експертите, има сè повеќе случаи на деца кои користат солариуми. Овој загрижувачки тренд го потврдуваат најновите податоци и предупредувања од здравствените работници и здруженијата за рак, кои ги истакнуваат сериозните ризици за здравјето на децата. Според ирскиот Закон за јавно здравје (Закон за сончање) од 2014 година, на малолетниците им е строго забрането да користат солариуми. Сепак, реалноста покажува дека овој закон често се игнорира. Затоа експертите и дерматолозите силно предупредуваат на опасностите, а ситуацијата во практика покажува потреба од итна регулатива.

Најновите податоци откриваат дека еден од пет солариуми во Ирска е подготвен да прифати малолетни корисници, а минатогодишните тестови покажале дека 11 од 50 тестирани салони им дозволувале на малолетници да користат солариуми. Една година претходно ова беше случај во 9 од 47 тестирани салони. Берни Картер, виша медицинска сестра во Фондацијата „Мари Китинг“, изјавила дека видела дете кое излегло од салон со забележително потемен тен.

-Ова е многу млада личност, а родителот ја донел на солариум без двоумење – рекла Картер, која води програми за едукација и превенција од рак на кожа во училиштата.

Таа предупредува дека солариумите претставуваат огромен ризик за развој на меланом, една од најсмртоносните форми на рак на кожа. Според Министерството за здравство, ризикот од развој на меланом се зголемува за дури 75 % ако некое лице почне да користи солариум пред 35-годишна возраст, што значи дека децата што почнуваат да ги користат многу рано го ставаат своето здравје во огромен ризик.

Стив Демпси од Ирското здружение за рак, исто така, потврдува дека тие добиваат извештаи од родители чии деца користеле солариуми, и покрај забраната.

-Ова е јасна последица од неспроведување на законот и немање надзор – вели тој.

Министерката за јавно здравје Џенифер Мурнајн О’Конор, исто така, изразила загриженост најавувајќи дека ќе разгледа целосна забрана за комерцијална употреба на солариуми во земјата.

-Ризиците за здравјето на младите луѓе се едноставно преголеми, а ова ниво на непочитување на законот е неприфатливо – истакнала таа.

Застапниците за целосна забрана, како што е Лаура Ворен, која преживеала меланом, велат дека отстранувањето на солариумите би можело да спаси илјадници животи.

-Меланомот е исклучително агресивен и често фатален ако не се открие рано. Со забрана на солариумите би можеле да спречиме огромен број случаи на рак и да ги намалиме трошоците за здравствена заштита – заклучила таа.

Автор: Ема Јуриќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top