Живееме во преубава земја, богата со природни убавини, реки, езера, планини, богата историја и прекрасни пејзажи. Се воодушевуваме кога патуваме на места на кои не сме биле претходно. Наши авантуристи, преку дел од своите приказни, предлагаат низа скриени прекрасни места за одмор во Македонија

Патувањата се еликсир на духот. Ги будат сите атоми на животот. Откривањето на нови места, газењето по нови патеки создава моменти кои го хранат телото и умот, но и детската фантазија. Летово многу семејства поради актуелната ситуација се одлучуваат да го поминат низ планините на Македонија, покрај студените реки, тивките и изолирани села, и секако најсјајните македонски бисери – Охридско, Дојранско и Преспанско езеро.

Нашите соговорници велат дека движењето во природа е најголемо уживање на нивните деца. Детската енергија најсилно се разгорува кога е во допир со животинскиот свет, кога сами берат шумски јагоди, кога спијат под отворено небо, на полна месечина…

Омилена викенд дестинација – селото Кожле

Маја Аргакијева ни раскажа дека со сопругот Драган и со нивните ќерки Каја и Веда редовно одат на семејни патувања, а најмногу се радуваат кога ги откриваат убавините на Македонија.

Шар планина / Фото: Маја Аргакијева

– Живееме во преубава земја, богата со природни убавини, реки, езера, планини, богата историја и прекрасни пејзажи. Се воодушевуваме кога патуваме на места на кои не сме биле претходно. Често го посетуваме Охрид, кој има посебна магија на која никој не може да остане рамнодушен. Најубаво се чувствуваме во природа, подалеку од луѓето и градската врева. Па така, секаде каде што одиме, наоѓаме места каде можеме да бидеме сами и да уживаме целосно во убавините на природата. Се разбира, сакаме да шетаме и во поголемите метрополи – вели Маја.

Бел рај, село Миравци

Оваа сезона, бидејќи ситуацијата е таква каква што е поради пандемијата, тие остануваат во Македонија и се радуваат што им се овозможува прилика да ја доживеат Македонија во летниот период.

– Викендите обично сме во околината на Скопје, често одиме во Соње од каде што се качуваме на Водно. Кога е потопло времето, сакаме да сме покрај река. Омилена дестинација ни е Матка, каде имаме повеќе локации за уживање – некогаш тоа е нашето местенце покрај реката Треска, некогаш возиме кајак, пешачиме до манастирот Св. Никола Шишевски или одиме на Горна Матка, каде се качуваме до црквата Св. Недела. Неодамна го откривме селото Раштак, кое се наоѓа на Скопска Црна Гора, каде уживаме во прошетката покрај рекичката, лежењето на ливадите и во неверојатниот поглед на цело Скопје. Едно од поомилените места околу Скопје ни е селото Кожле, кое го откривме во 2019 година, кога одевме на турата Кожле – Карабуниште, во организација на Планинарското друштво „Македон“. Тоа е тура која се движи помеѓу реките Пчиња и Вардар и може да се види местото каде што двете реки се соединуваат, а посебно интересни се висечките мостови над овие две реки. Во близина се наоѓа црквата Св. Богородица, каде има соби за преспивање, за кои се грижат прекрасните домаќини Светле и Стојан, од кои можете да си купите превкусно домашно слатко од смокви, мед и сирење од кравите кои сами ги чуваат и пасат на тамошните ливади – раскажува Маја.

Каја и Веда се радуваат каде и да ноќеваме. Летово првпат спиеја во шатор…

На планинска тура Кожле-Карбуниште

Спиење на полна месечина покрај реката Дошница

Нивно последно откритие е Кадина Река, која се наоѓа во планините на јужно од Скопје.
Преку неделата, сакаат да патуваат надвор од Скопје. Омилена дестинација ова лето им се и Топли виришта (Топли вирови), на реката Дошница во Демир Капија. Реката има формирано природни вирови, погодни за капење, чија вода летно време е затоплена од сонцето и од акумулираната топлина од карпите кои ги опкружуваат.

Топли виришта

– Најново искуство ни е преспивањето во шатор, сами, покрај реката Дошница. Спиевме на полна месечина, покрај звуците на жабите, на штурците, на звуците од реката која тече и на дрвјата кои шумолат од ветрот. Преубаво искуство кое би сакале да го повториме. Каја и Веда се радуваат на секое место каде што одиме, а најмногу се воодушевени од животните кои ги среќаваме попат. Многу сакаат животни, а гуштерите и жабите им се едни од поомилените. Од најмали бебиња ги качувавме на Водно, а на две и пол години, сами, за прв пат се качија до врвот на Водно. Од тогаш постојано пешачиме или планинариме сите заедно. Децата уживаат кога откриваме нови места и сакаат авантури исто како и ние. Често објавуваме фотографии и видеа од патувањата на нашиот блог afamilyontheroad.com. Следни дестинации кои би сакале да ги истражиме се мариовскиот крај и Малешевијата – додава Аргакијева.

Село Папрадиште, велешко

Истражување со кајче на Охридско езеро

И Ивана Петровиќ секој викенд бара зен-дестинација за патување со своето семејство и вели дека уживаат во кампување низ Македонија.

Фото: Ивана Петровиќ со семејството

– Кампувањето ни е број еден, кога зборуваме за одмор со деца. Боси и голи по цел ден надвор, на плажа, покрај море или езеро, тоа е нешто што не може да го замени ниту една луксузна дестинација. Немаме посебна дестинација која би ја издвоиле, бидејќи сакаме да истражуваме и гледаме секогаш да одиме на различно место. Секако, сакаме да истражуваме и нови и интересни градови. Имаме среќа што работата ни е таква што најчесто не не врзува за едно место, па можеме да си дозволиме да поседиме подолго некаде и да не биде тоа баш за викенд и кога е најмногу гужва. А имаме и супер поддршка од баби и дедовци, така да сите карти се на наша страна. Сакаме да ја истражуваме нашата земја, па најчесто избираме некоја интересна дестинација тука. Дали на планина, покрај езеро, некоја река… Маврово, Галичник, Попова Шапка, Лешница се совршени места за пикник. Секако и Охрид, Преспа, Крушево, Јакупица. Баш разговаравме дека слабо го посетуваме источниот дел на нашата држава, па и тоа ни е во план. Оваа година решивме да одиме од другата страна на Охридско Езеро, па така цело лето планираме да бидеме стационирани во Елен Камен, и од тука да истражуваме. Јабланица е зад нас, а Галичица од спротива, па планираме да посетиме некои села во близина, како Вевчани, а и со кајче да истражуваме интересни плажички – ни раскажува Ивана.

Одмор со активност за посреќно дете

Најчесто го посетуваат Водно. Ивана вели дека планината буквално им е во двор.

– Дали со велосипед, дали пеш, на пикник, славиме роденден или зимно време со санка во рака, Водно ни е секогаш број еден кога сме во Скопје. Со Дарин, од кога имаше месец дена, па до ден денес, не пропуштаме, барем еднаш неделно, да се качиме. Почнавме со количка, па го носевме во ранец, а сега сам си планинари. Супер е што имаме и другари со деца кои исто така често одат на Водно, бидејќи секогаш е подобро во друштво, нели, а и две кучиња, па никогаш не ни е здодевно. Сега сме побројни за уште еден член, па и со него, уште од сам старт сме на Водно. Секако одиме во Градски парк, на Матка, Скопска Црна Гора… но некако на Водно си се чувствуваме најубаво. И местово каде што сме моментално, Елен Камен, ни е хит – додава таа.

Кога планираат патување, бараат место на кое не биле претходно. Со оглед на тоа што најмногу сакаат да кампуваат, во лето, местата со кампови им се омилена дестинација. Летно време гледаат да бидат покрај езеро или море, но често се и на планина – планинарат, возат велосипеди…

– Зимно време задолжително одиме на планина. Од лани, на три и пол години, Дарин почна да учи да скија, така што зимно време сме по нашиве планини, но често одиме и во ски центрите во соседството. Сметаме дека се додека има некаква активност, како што се пливање, скијање, возење велосипед, планинарење, па и посета на село со домашни животни, река, но секако и доволно време за слободно играње, тогаш детето е најсреќно – вели Петровиќ, потенцирајќи дека нашата земја има многу неистражени места.

Утре прочитајте: Убавина во која мора да се ужива. Скриени места за одмор во Македонија кои чекаат да бидат откриени



912

X