Секоја од овие активности бара ангажираност, креативност и вклученост на родителот, но и отфрлање и исклучување на технолошки уреди
Децата што си играат надвор се психички и физички поздрави, имаат силна самодоверба, се чувствуваат поисполнето и позадоволно, поуспешни се во училишните активности и животните вештини, се чувствуваат способни и подобро решаваат проблеми, развиваат стратешки вештини и спацијална интелигенција (просторна ориентација), подобро соработуваат со други деца, креативни се и поврзани со природата.
Во овој период од годината природата ви ги нуди најубавите ресурси со кои можете максимално да обезбедите стимулативна средина за раст и развој на вашето претшколско дете. Еве неколку примери како да ја користите природата како ресурс во секојдневната игровна активност на детето во домот и надвор од него.
Емоции во шише
Најчесто игрите што ги споделувам со моите читатели произлегуваат од мојата фантазија и способноста да се сосредоточам на детето во мене. Со моето четиригодишно дете ја играме оваа игра. Потребни ви се пластични шишиња, маркер и вода. Соберете 5 пластични шишиња на кои ќе им ја отстраните етикетата и притоа на секое шише ќе нацртате одредена емоција, на пример, на првото емоција среќа, па потоа тага, страв, лутина и љубов. Од вашето дете барајте секој ден кога ќе почувствува некоја од овие емоции да стави една мала чашка вода. Следете која емоција детето најчесто ја пројавува и препознава. Следете кое шише најбргу ќе се наполни со емоција, т.е вода. Игрите со вода во овој период не треба да имаат граници. Секоја креaтивна идеја е добредојдена за психолошкото здравје на вашето дете.
Песок
Игрите во песок создаваат најголема сензорна активација кај децата. Доколку сте на плажа или имате можност во дворот да ставите поголема количина песок, тогаш дозволете му на вашето дете целото да се потопи во песокот и притоа покажете му благи движења како да плива низ него. Ваквиот тип масажа ги ослободува и активира рецепторите и нервните завршетоци и влијае релаксирачки. Ставете ситни играчки во поголема количина песок и барајте од вашето дете да ги пронаоѓа една по една.
Земја
Како и песокот, така и овој природен материјал е евтин, но и скапоцен. Најдете простор и место каде што во земјата ќе направите одреден круг и заградете го со камен или дрво. Сипете неколку кофи вода и создајте кал кој ќе биде мек, но не многу воден. Пуштете го детето да ѝ се препушти на природната енергија што ќе му ја даде подлогата. Скокање, месење со раце и нозе, играње со предмети во него се исклучително антистресогени.
Камен
Соберете неколку мали теглички и сортирајте каменчиња по форма, големина или боја каде и да сте, во парк, двор, плажа, планина и сл. Таквото сортирање нека му стане активност на вашето дете преку целото лето. На крајот од летото проследете што сè е собрано и дискутирајте во врска со тоа.
Лисја, цветови, плодови и семки
Во овој период детето има многу што да види и во однос на форми, големини, но и боја, текстура и материјал. Собирајте лисја што имаат различна форма и лепете ги во тетратка. Стимулирајте ја свесноста кај детето преку собирање или купување сезонски плодови. Играјте игра со заврзани очи каде што ќе му дадете на детето да опипува и опишува одреден плод со помош на допир, потоа отворете му ги очите и опишувајте со помош на вид, на крај детето нека го вкуси плодот и исто така да опише што доживува и чувствува во моментот.
Секоја од овие активности бара ангажираност, креативност и вклученост од страна на родителот, но и отфрлање и исклучување на секој вид технолошки уред на кој детето во текот на денот е изложено. Со ваквите активности детето добива порака дека му е дозволено да биде слободно, креативно, способно и едно со природата.
912