однесување Прашај психолог

Пред една година почина татко ѝ и оттогаш почна многу чудно да се однесува и да се самоповредува. Ве молам да ми помогнете

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 10 години и пред некое време почна чудно да се однесува, да се облекува во стилот на хеви метал (а воопшто нема контакт со такви појави, па ни музика), си прави резови на кожата на бутовите, стомакот, рацете и од синоќа на вратот. Кога ќе ја прашам што е проблемот, не ми кажува. Да напоменам дека татко ѝ почина ненадејно минатата година во јануари, а тој ѝ беше идол. Имам уште едно девојче, 13 години, тие две се најсаканите и најпазени деца. Не ми е јасно каде грешам. Ве молам да ми помогнете како да постапам.

ОДГОВОР: Не грешите, туку го гледате вашето дете и забележувате некои промени кај него кои, нормално, ве вознемируваат и загрижуваат.

Жалам за вашата загуба и верувам дека сè уште целото ваше семејство се приспособува на новите животни промени. Загубата на родител, особено кога родителот имал толку добар и близок однос со детето, за детето претставува големо и трауматично искуство кое може да предизвика различни реакции, без разлика колку добро вие се грижите за вашите деца.

Од една страна, тагувањето кај децата често не оди по права линија. Детето може еден период да изгледа добро, да оди на училиште, да си игра, да се смее, а потоа болката да излезе преку однесувањето, преку телото, повлекувањето или некоја нагла промена.

На возраста на која што е вашето девојче, децата немаат зрел, вербален начин да ја процесираат големата тага. А кога детето нема зборови за да ја искаже болката, честопати тоа се „префрла“ во телото. Самоповредувањето кај децата и тинејџерите честопати функционира како начин физички да се почувствува нешто конкретно и контролирано, наспроти хаотичната, неконтролирана емотивна болка од загубата која инаку останува неизразена.

Промената во стилот на облекување и интересирањата, дури и кон нешто што е целосно ново и непознато за неа, исто така, може да биде дел од истиот процес, еден вид обид да се изгради нов идентитет, можеби нов начин да се „почувствува нешто силно“ однадвор, дури и несвесно барање начин да привлече внимание кон длабоката внатрешна болка која самата не знае како да ја именува со зборови.

Потрудете се да покажете интерес за сите овие промени. Обидете се да разберете што значат за неа, како на пример: „Гледам дека во последно време многу ти се допаѓа овој стил. Што ти се допаѓа во него?“ „Како се чувствуваш кога се облекуваш вака?“

Важно е таа да почувствува дека не се плашите од промените кај неа и дека сакате да ја запознаете, а не да ја осудувате. Не инсистирајте веднаш да ви каже што се случува доколку не сака, но можете да кажете: „Гледам дека нешто ти е тешко. Не мора сега да ми кажеш. Само сакам да знаеш дека сум тука за тебе.“ „Кога ќе бидеш подготвена, тука сум, ќе те слушам. Нема да те карам.“

Разговарајте за самоповредувањето мирно, но директно. Обидете се разговорот да не започне со страв, лутина или обвинување. „Ги видов овие резови и многу се загрижив за тебе. Не сум лута. Сакам да разберам што ти се случува.“

Важно е таа да почувствува дека може да ви каже нешто тешко без веднаш да биде казнета или засрамена.

Не чекајте таа сама да го отвори разговорот за татко ѝ. Децата на оваа возраст ретко го прават тоа спонтано, особено кога веќе се повлекле во себе. Отворете го разговорот директно, но бидете смирени:

„Знам дека многу ти недостига тато. И јас многу тагувам по него. Сакам да знаеш дека можеш да ми кажеш сè што чувствуваш за него, дури и работи кои можеби се плашиш да ги кажеш.“

Именувајте ја можната поврзаност без да претпоставувате: „Забележав дека многу нешта се промениле откако тато не е со нас, твојот стил, твоето расположение. Дали мислиш дека тоа е поврзано со тоа колку ти недостига?“

Споделете ја сопствената ранливост, како: „И јас понекогаш имам многу тешки денови кога размислувам за тато, тагата не мора да се крие, ние можеме заедно да тагуваме.“

Гледајте фотографии од татко ѝ, седнете покрај неа, раскажувајте кратки спомени додека гледате,  момент кога се смеел, нешто што сакал да го прави, некој негов збор кој често го користел и потсетете се заедно што правел со нив двете. Не плашете се од тагата.

Ако таа сака да зборува, слушајте. Ако сака само да гледа, и тоа е во ред.

Не избегнувајте да го спомнувате неговото име, ниту да плачете пред неа ако ви дојде да плачете. Покажете ѝ дека тагата е нешто сосема нормално, не нешто што мора да се крие или да се „заврши“ брзо. Потрудете се да видите што гледа на мобилниот, што игра (од каде идејата за хеви метал), со кого комуницира. Тоа не мора да биде скришно, можете и отворено да ја прашате. Просто заинтересирајте се за неа и за она што таа го живее.

Сепак, со оглед на тоа што самоповредувањето е повторливо и сега се појавило и на вратот, не би останала само на домашен разговор и следење. Би ве советувала да побарате стручна помош за да му помогнете на детето да разбере како и на кој начин да се носи со силните емоции.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top