Имаш едноставно име кое сите можат да го изговорат и лесно да го запомнат, и тоа е убаво. Замисли како им е на оние што имаат комплицирани имиња, неконвенционални, поради кои луѓето земаат воздух пред да ги изговорат. Некои имиња имаат по една поинаква буква од вообичаените, па тоа лице ќе мора целиот живот да ги поправа другите при изговорот.
Како се чувствува оној на кој сите освен членовите на неговото семејство погрешно му го изговараат името? Поради погрешното изговарање на името, кај детето може да се јави чувство дека е невидливо, а ако постојано ги поправа другите поради изговорот на неговото име, може да помисли дека лошо се однесува. Сето тоа може да доведе до срам, огорченост или непријатно чувство.
Професорката Рита Коли од Универзитетот на Калифорнија во Риверсајд има неколку фантастични и едноставни идеи како да се запомни нечие име и презиме.
– Прашајте ги
Се чини очигледно, но професорката Коли препорачува неколку реченици кога прашувате за името на детето. Кога разговарате со родители на дете со необично име, треба да кажете: „Како би сакале да го изговарам името на вашето дете?“ Ако директно му се обраќате на детето, речете му: „Не знам како правилно се изговара твоето име, дали можеш да ми објасниш? Сакам да научам бидејќи е многу важно точно да го изговорам, како го изговараат твоите родители?“
– Повторете го името
Неколку пати, ако е потребно, сè додека не го изговорите правилно и не го запаметите. Можете и да го напишете неколку пати, да го ставите во реченица.
– Дозволете му на детето да ве поправи ако згрешите
Повеќето деца ќе бидат неодлучни дали треба да ве поправат, па затоа кажете им јасно дека тоа е сосема во ред.
– Учителите и тренерите треба да влијаат врз групата
Ако забележите дека другите деца погрешно го изговараат името на своето другарче, вклучете се и обидете се да им помогнете да го научат правилно.