д-р Зоран Трајчев, стоматолог

д-р Зоран Трајчев, стоматолог

Стоматолошка ординација „Орбис Дент”
тел. 070 818 719

Повеќе од авторот

Храната и начинот на исхрана играат огромна улога во правилниот раст на забите и развојот на орофацијалниот систем. Доколку ги имате читано моите претходни текстови, ќе видите дека често знам да го споменам влијанието на храната, без разлика дали зборувам за превенција или за тоа колку често треба да го посетувате вашиот стоматолог. Затоа, овој пат се одлучив да пишувам на тема исхрана и нејзиното влијание врз забите.

Кога зборуваме за здрава храна и здрав начин на исхрана, веројатно последното нешто што ќе ви падне на ум се забите. На прво место секогаш ќе ја ставите добрата линија, на второ здравјето, а на забите можеби и нема да се сетите. Затоа, добро запомнете, храната игра значајна улога како за здравите заби така и на развојот на системот за џвакање.

Уште со појавата на млечни заби неправилната исхрана може да доведе до кариес и неправилен раст и развој на системот за џвакање. Затоа, доколку се прашувате кога треба да се почне со соодветна нега, одговорот е кога ќе порасне првото запче.

Како родители, важно е да посветите внимание на негата на забите и гингивите кај децата уште од најраната возраст. Зошто? Затоа што кариесот не прашува. Сè почеста е појавата на т.н. циркуларен кариес кај малите деца. Терминот циркуларен кариес веројатно сте го чуле и знаете што значи, но сепак да појаснам, тој целосно ги нагризува забите кај децата. Постојат два типа – кога забите остануваат на вилицата, но се во црна боја, или вториот тип кога кариесот целосно ги нагризал забите и нам ни се чини дека детето нема заби.
Затоа е важно што јаде вашето дете и кога!

Виновник број еден и главен причинител за појавата на кариес на забите кај бебињата и малите деца е шеќерот, односно храната богата со шеќери, како и отсуството на правилно и редовно четкање на забите.

Затоа, би сакал да упатам неколку совети и препораки во однос на исхраната, а корисни за забите:

– мајките мора да знаат дека чаевите за бебиња се богати со шеќери и треба да ги избегнуваат;
– по никнување на млечните заби кај детето треба да се избегнува внесување на храна во доцните вечерни часови;
– по последниот оброк во денот забите треба убаво да се исчеткаат, по четкањето не се препорачува консумација на храна или течности, освен вода;
– максимално да се ограничи храната богата со шеќери, како и дополнителното засладување;
– да се намали или целосно да се ограничи консумацијата на тврди и лепливи слатки: бонбони, лижавчиња, карамели, чоколади… Овие слатки задоволства се лепат по забите и претставуваат плодна подлога за бактериите. На овој начин бактериите создаваат киселина која ја нагризува забната глеѓ и доведува до појава на кариес.
– едни од најштетните производи за забите се газираните пијалаци, затоа и не треба да им се даваат на децата;
– детето треба да се навикне на пет-шест оброка дневно, три основни и две ужинки.

Да не биде дека сè е забрането, еве која храна е добра за забите☺

Млекото и млечните производи, како природен извор на калциум, играат важна и позитивна улога, особено сирењето. Се прашувате зошто? Сирењето ја намалува киселоста и ја нормализира pH-вредноста во устата, богато е со калциум и фосфор, а сиромашно со јаглехидрати, значи идеално за крај на оброкот.
За правилната изградба на глеѓта на забите задолжен е витаминот А. Храна што е богата со тој витамин, но и се препорачува не само од нас, стоматолозите, туку и од педијатрите, се тиквата, морковот, младиот компир, брокулата, кајсиите, доматот и др.

И најважно од сè: научете ги децата да џвакаат! Не навикнувајте го вашето дете на блендирана храна. Кога ќе му пораснат запчиња, трудете се што повеќе да џвака. Бидете упорни. На тој начин се развиваат мускулите за џвакање кои играат важна улога во развојот на орофацијалниот систем. Важен фактор кој веројатно не го знаете е дека со џвакањето се стимулира и лачењето на плунка, која е битен заштитен фактор. Плунката ги чисти забите и придонесува за намалување на киселата средина во устата, а со тоа спречува појава на кариес.

И последен совет од мене денеска, внимателно избирајте ги храната и времето кога ќе ја консумирате, само така вашите заби, вашето здравје и вашата линија ќе ви речат „благодарам“.



912

X