Потсетете се на игрите на кои сте се радувале и научете го вашето дете со сладок копнеж да ги очекува игрите на белите снегулки

Зимските денови искористете ги заедно со семејството да поминете пријатни моменти на планина или во играње на снег во вашиот двор. Придобивките ќе бидат повеќекратни – вашето дете ќе дише чист воздух, убаво ќе си игра и ќе биде весело.
Денес зимата главно се поврзува со скијање и лизгање, како никој веќе да не се сеќава на санкањето, борбите со снежни топки, правењето снешко, „сликањето“ во снегот…

1. Искористете ја секоја можност да го изведете детето на снегот. Кога детето ќе почне да трча и да си игра на снегот, соблечете му ги јакната, капата и шалот (да не се испоти), а во моментот кога ќе престане да игра, задолжително затоплете го.

2. Активностите на снегот можете да ги почнете со борба со снежни топки. Во овој случај ракавици не се потребни бидејќи на детето ќе му биде студено само кога ќе ја прави првата снежна топка. Меѓутоа, како што ќе течат активностите, телото ќе се загрева, а рацете ќе стануваат потопли. Впрочем, правењето снежни топки без ракавици е добро за циркулацијата на крвта во детските раце.

3. Ако во паркот наидете и на други деца, организирајте им заедничка игра. Поделете ги во две групи, обележете го меѓупросторот во кој не смее да се влезе, па играта може да почне. Сличен натпревар во гаѓање со снежни топки можете и самите да организирате со вашето дете.

4. Дали има нешто поубаво отколку на снегот да правите снешко? Костени, гранчиња, камчиња – ќе ги заменат очите, устата и стапот на снешко. Ако од дома сте понеле и морков за неговиот нос, вашето дете со задоволство ќе учествува во оваа снежна церемонија.

5. Најомилена детска игра на снег е санкањето! Потребна ви е дрвена санка со што помалку метални делови (за да не дојде до повреди), додека пластичните санки не се препорачуваат бидејќи многу се лизгаат и со нив потешко се управува. Освен тоа, не заборавајте го златното правило дека децата сами ги влечат своите санки! На тој начин, освен што ги зајакнуваат мускулите на рамениот и на грбниот појас, воедно стекнуваат и одговорност и обврска кон своите работи и спортски реквизити.

Доколку вашето дете е постаро од шест години, тогаш може самостојно да се спушта низ падините, додека на помладите деца им е потребна помош од родителите при спуштањето и при сопирањето. Децата можат да поминат активно време на снегот и на помалечки, пластични скии или на разни пластични кадички кои се користат за спуштање низ падини.

И на крај, сликање во снегот! Прво проверете дали под снежната покривка се крие некој трупец или поголем камен, а потоа можете да му дозволите на детето да се прпелка и да се фрла во снегот колку што сака. Снегот е идеален за детски лудории бидејќи ги ублажува ударите и падовите.

 



912

X