Родителското прашање од милион долари е: Колку време им треба на децата за да се почувствуваат сакани и безбедни?

Изгледа дека на децата не им е потребно многу време, но сакаат кратки моменти преполни со внимание, кои ќе ги добиваат постојано. Многу експерти тврдат дека периодот на внимание на детето е околу една минута за секоја година од неговиот живот. Со други зборови, едногодишно дете може да се фокусира околу една минута, петгодишно пет минути, а 15-годишно дете вниманието може да го задржи 15 минути.

Интервјуата со децата откриле дека тие се задоволни и со помалку посветено време отколку што тоа го мислат родителите, само им е потребно да се потпрат на тоа време и бараат од родителите да бидат целосно фокусирани на нив во тој период.

5 до 15 минути целосно внимание може да го трансформира вашиот и животот на детето

Експертите сметаат дека времето на поврзување помеѓу родителите и детето почнува со сите секојдневни моменти што не бараат дополнително време и ангажирање. На пример, чешлање коса, заедничко јадење, облекување, заспивање и слично. Исто така, експертите советуваат да се најде забава и во најобичните активности. Кога родителите ќе сфатат дека веќе ги прават овие работи, следното прашање е како да се искористи најмногу од овие моменти, да се зборува повеќе, да се прашува повеќе, или едноставно да го прегрнувате своето дете почесто.

Првите пет минути се најважни. Ени Плешет Марфи, експерт за родителство и семеен терапевт, вели дека првите пет минути се спасувач на односот со вашето дете, при која било комуникација со него. Овде спаѓаат работите што први ги правите наутро, првите пет минути кога се поврзувате со детето по училиште и пред вечерата, како и кога ќе дојдете од работа.

Целта е да се разведрите кога ќе го здогледате вашето дете

Топол и внимателен одговор е одлична основа за вашето време поминато заедно. Исто така, тоа ќе ви „купи“ и дополнително време за повеќе моменти со детето.

На децата им е потребно и слободно време, простор, на пример, во моментите кога сте во истата соба заедно, а секој си има своја активност. Децата на секоја возраст – од бебиња до тинејџери – имаат придобивка од вршењето индивидуални активности, а сепак се безбедни и поддржани, знаејќи дека сте блиску до нив и сте достапни.

Експертите советуваат родителите да ги вклучуваат децата во она што го прават – подготвувањето вечера, местењето облека, бришењето на кујнскиот под – тоа е одличен начин да се поврзете со сопствените деца, а воедно и да си ги завршите домашните обврски.

Не одбивајте ги, вклучете ги

Искористете ги дневните рутини. Будењето, облекувањето, јадењето, патувањето кон училиште и назад. Иако ова се рутини кога најчесто брзаме, сепак, колку се попредвидливи рутините, толку е полесно да ги искористиме за фокусирано, квалитетно време поминато заедно.

Закажете заеднички, посветени моменти

Ако дури и закажете време кога ќе си се посветите едни на други, тоа многу може да помогне во поврзувањето со вашите деца на долги патеки. Таквите активности може да вклучуваат читање пред спиење, на пример. Можете да си создадете некаква традиција со одредена активност, која на децата ќе им остане во сеќавање. Еднаш неделно или месечно посветете си повеќе време еден-на-еден, заедно креирајќи одреден проект, доживување некаква авантура или едноставно следење на некој од интересите на детето.

Целта за поврзувањето со детето е тоа да биде во мали дози, фреквентно и константно. Таа основа ќе придонесе за мали, неизбежни моменти кои ќе ве исполнат со позитивна енергија и во деновите со многу густ распоред. Запомнете дека во најголем дел, вашите деца не обрнуваат толку внимание на активноста што ја имаат – сè додека се со вас, тие се задоволни.

Автор: Џули Моргенстерн



912

X