Постојат записи дека мајките ги повивале бебињата во палеолитската ера. Значи, станува збор за древен метод за смирување на бебињата кој го применувале и нашите баби. Се чини дека е дел од практиката на многу родители денес, а го препорачуваат и педијатри.
Кога вашето новороденче е немирно, плаче, премногу е стимулирано од надворешните дразби, еден начин за да го смирите е да го завиткате во памучно ќебе. Од памтивек мајките ги повивале своите бебиња и така ги смирувале.
Од раѓање до шест месеци, ако бебето нема здравствени проблеми, може да се повива за да му се даде чувство на сигурност и да ја задоволи потребата за допир. Повивањето на бебето му го враќа чувството на безбедност што го имало во матката и затоа има смирувачки ефект врз него.
– Мојот син често плачеше како новороденче. Тој почна да има проблеми со колики три недели по раѓањето, а јас, со оглед на тоа што постојано го доев и го држев в раце, навистина немав време да истражувам методи за смирување мали бебиња. Мојот сопруг тогаш откри дека бебињата можат да се смират ако ги завиткате во ќебе. Тој стана вистински мајстор за повивање и кога ќе се исцрпев од доење и носење в раце низ станот, возејќи го во количка или автомобил, тој ќе го земеше ќебето и ќе го решеше проблемот. Нашиот син спиеше два часа, свиткан како мал леб. Конечно можев да се одморам. Со второто дете веднаш го воведов повивањето. Дефинитивно метод што кај нас беше исклучително успешен – вели мајката Ирена.
Во продолжение ви пренесуваме видео што детално објаснува како да го повиете новороденчето.
Користете памучно ќебе во форма на квадрат, а важно е да биде лесно и еластично. Ставете го ќебето на креветот така што ќе изгледа како дијамант. Преклопете го горниот агол на ќебето така што ќе ја допре средината на ќебето.
Ставете го бебето на ќебето така што неговиот врат ќе биде поставен на горниот раб на ќебето. Десната рака на бебето треба да биде веднаш до телото.
Другите инструкции проследете ги во видеото.