Децата може да се воодушевени што се на училиштен распуст, но многу родители не го обожаваат.

Да се биде родител е предизвик во поголемиот дел од времето, но во текот на распустот овој предизвик е преголем залак за родителите. Освен што ги имаат своите работни обврски, треба да се погрижат нивните деца да бидат активни и да им обезбедат забава.

Истражување спроведено на 2.000 родители во Велика Британија откри дека причините за ова се борбата да се балансира меѓу работата и детето, здодевноста и зафатеноста на родителот. Половина од родителите изјавиле дека им е тешко да земат слободни денови за време на летните одмори. Како резултат на тоа финансиите се затегнати – над една третина (35 отсто) признаваат дека се борат да плаќаат за згрижување на децата, а 39 отсто сметаат дека е тешко да се платат семејните одмори бидејќи се скапи.

Забавувањето на децата е уште една битка за 43 отсто од родителите, поради што е тешко да ги држат децата зафатени, додека 59 отсто од родителите велат дека на нивните деца им станува досадно во текот на празниците.

Друга грижа е дека децата ќе заборават сè што научиле во текот на учебната година – 40 отсто ова го сметаат за вистински проблем, додека 71 отсто велат дека академската способност на нивните деца се намалувала во текот на долгата летна пауза.

– Летниот распуст е долго време за обезбедување забава за децата, но постојат интересни начини да го направите тоа, кои се лесни, достапни, едукативни и забавни – вели Шарлот Гатер, шеф на наставната програма во „Истражувај го учењето“.

Секако, летниот распуст ги тестира родителите, но тој е најдобриот период од детството.

– Помогнете им да ги негуваат овие спомени со тоа што ќе ги охрабрите да направат дневник за тоа што го прават секој ден – вели Гатер.

– Дајте им задача да собираат предмети кога се излезени, зачувајте ги билетите од автобусите, возовите, фотографирајте и печатете и цртајте слики од она што веќе го виделе – додава таа.

Бидете активни

Мрзливите денови поминати пред екранот не можат постојано да се избегнуваат, но ако времето е убаво, тогаш искористете го така што ќе ги прошетате децата.

– Ако сакаат одреден спорт, видете дали има специјални часови или тренинзи. Ако спортот не е за нив, охрабрете ги да уживаат во природа, играјте во парковите каде што ќе можат да се опуштат, да трчаат и да го согорат вишокот енергија – предлага Гатер.

Одете на кино

Кога временските услови се лоши, тогаш добро би било да го посетите киното. За да му дадете образовен елемент на искуството, охрабрете ги децата да напишат рецензија за филмот што сте го гледале.

Читајте заедно

Според неодамнешните истражувања, читањето заедно е најпопуларниот образовен извор на забава.

– Читањето заедно е фантастичен начин да се поврзете и да ја поттикнете имагинацијата на децата – објаснува Гатер.

Дајте им домашни обврски

Последното нешто што сакате е во текот на летниот распуст вашето дете да стане мрзливо. Да, треба да се одмори по напорната работа во текот на учебната година, но сигурно дека не сакате да западне во рутина не правејќи ништо.

Трикот е да најдете рамнотежа.

– Бидејќи вашите деца ќе бидат дома, дајте им задолженија што треба да ги извршуваат секоја недела. Со ова ќе се научат на одговорност и ќе ви помогнат да си го олесните товарот – вели Гатер.



912

X