Сите ние би сакале да сме малку посреќни. Проблемот е во тоа што она што нè прави среќни главно е надвор од нашата контрола. Некои луѓе генски се предодредени да го гледаат светот низ розови очила, додека на другите тие очила им се во потемни тонови. Лоши работи се случуваат, како нам така и на другите околу нас. Луѓето знаат да бидат лоши, работата – досадна…
Меѓутоа, она над што имаме некаква контрола е нашето слободно време. А начинот на кој го поминуваме може да влијае и врз тоа колку ќе бидеме среќни.

Секоја активност поврзана со екран го намалува нивото на среќа

Американскиот психолог Џин Твенги анализирала податоци за милион тинејџери барајќи поклопување меѓу начинот на кој го поминуваат своето слободно време и личното чувство за среќа.
Таа открила дека тинејџерите што го поминуваат времето дружејќи се со пријателите во живо, во вежбање, спорт, одење во црква, дури и во пишување домашни задачи, изјавиле дека се посреќни отколку младите што го поминуваат времето на интернет, во играње видеоигри, на социјалните мрежи, во испраќање пораки, разговори преку видеочет или гледање телевизија.

Вкупно земено, секоја активност што не била поврзана со екран го зголемува нивото на среќа, а секоја што вклучува гледање во екран – го намалува. Разликите не се занемарливи – тинејџерите што поминуваат повеќе од пет часа дневно онлајн имаат двапати поголема шанса да бидат понесреќни во споредба со оние што на интернет поминуваат помалку од еден час дневно.

Повеќе време за активности во реалниот свет

Научниците се запрашале дали младите што веќе се несреќни се свртуваат кон екраните заради утеха? За да го утврдат тоа, на една група тинејџери им одредиле „диета“ без „Фејсбук“ во траење од една недела и на крајот установиле дека по овој период тие биле посреќни и помалку депресивни во споредба со контролната група, која продолжила со користењето на оваа социјална мрежа. И други студии ги потврдуваат ваквите наоди.

Според Твенги, решението сепак не е во целосно откажување од технологијата, туку во умереноста. Секој дополнителен час гледање во екранот го намалува нивото на среќа, па затоа максимално ограничете го своето „дружење“ со него за да ви остане повеќе време за активности во реалниот свет, кои за разлика од виртуелните, навистина усреќуваат.



912

X