Повеќе од три милиони деца низ целиот свет починале во 2022 година од инфекции поради отпорност на антибиотици, според истражување на двајца водечки експерти за здравје на децата. Децата во Африка и Југоисточна Азија се изложени на најголем ризик, според истражувањата.
Антимикробната резистенција се развива кога микробите што предизвикуваат инфекции еволуираат, така што антибиотиците повеќе не дејствуваат против нив. Се покажало дека тоа е една од најголемите закани за јавното здравје во светот.
Ново истражување покажува колку децата „го плаќаат данокот“ поради микробната отпорност на антибиотици.
Користејќи податоци од неколку извори, вклучувајќи ги Светската здравствена организација (СЗО) и Светската банка (СБ), авторите на студијата пресметале дека во 2022 година повеќе од три милиони деца во светот починале поради отпорност на антибиотици.
Експертите истакнале дека ова е повеќе од десеткратно зголемување на бројот на инфекции отпорни на антибиотици кај децата за само три години. Бројката може да биде поголема поради последиците од пандемијата на ковид-19.
Водечките автори на студијата, Јанхонг Џесика Ху од Институтот за истражување на децата во Австралија и Херб Харвел од Иницијативата за пристап до здравството „Клинтон“, посочуваат на значително зголемување на употребата на антибиотици, кои треба да се користат само за најтешките инфекции.
Од 2019 до 2021 година употребата на антибиотици со висок ризик од резистенција се зголемил за 160 проценти во Југоисточна Азија и 126 проценти во Африка. Во истиот период, употребата на антибиотици во последен момент за тешки инфекции отпорни на повеќе лекови, се зголемила за 45 проценти во Југоисточна Азија и 125 проценти во Африка, според студијата.
Авторите предупредиле дека ако бактериите развијат отпорност на овие антибиотици, ќе има многу малку, ако воопшто има, алтернативи за лекување.
Професорот Харвел предупредува дека нема лесни решенија.
-Тоа е мултидимензионален проблем што влијае врз сите аспекти на медицината и човечкиот живот – вели тој.

Најдобриот начин да се избегнат инфекции отпорни на антибиотици е да се избегнат самите инфекции, што значи повисоки стапки на имунизација, подобра достапност на вода, санитација и хигиена, додаваат експертите.
-Антибиотиците ќе се користат повеќе бидејќи им се потребни на повеќе луѓе, но треба да се осигуриме дека се користат соодветно и дека се користат соодветни лекови – вели Харвел.
Линдзи Едвардс, професор по микробиологија на „Кралскиот колеџ“ во Лондон, вели дека новото истражување е повик за будење.
-Без решителна акција, антимикробната резистенција би можела да ги поткопа децениските напредоци во здравјето на децата, особено во најранливите региони во светот – заклучува Едвардс.